Герасимовски: 37 ученици од Центар добија стипендии, зголемена финансиската поддршка за талентираните ученици

Макфакс

05/11/2026

14:10

61

Големина на фонт

а а а

Општина Центар додели стипендии на 37 талентирани ученици, со зголемена финансиска поддршка за развој на нивниот талент и творештво. Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека општината ја зголемила поддршката за 50 проценти, а учениците имаат освоено бројни награди и признанија.

Општина Центар денеска додели стипендии на 37 талентирани ученици од општинските основни училишта, кои остваруваат забележителни резултати во областа на културата.

Десет ученици добија стипендии од по 4.500 денари месечно, а 27 ученици по 4.000 денари месечно. Финансиската поддршка годинава е зголемена, со цел младите да се поттикнат во развивањето на нивниот талент и творештво.

„Како што ветив во предизборната програма, оваа година ги зголемивме општинските стипендии за 50 проценти. Сакам младите да знаат дека ги препознаваме нивните квалитети, го цениме нивниот труд и вложуваме во нивниот развој“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Стипендираните ученици имаат освоено награди и признанија на градски, државни и меѓународни натпревари, што е потврда не само за нивниот талент туку и за посветеноста на наставниот кадар.

Во рамки на одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Општината, беа доделени и награди за најдобрите ликовни и литературни творби од конкурсот „50 години Центар – срцето на градот, духот на генерациите“.

Наградени се шест ученици, по тројца во двете категории. За прво место се доделени по 5.000 денари, за второ по 3.000 денари, а за трето по 2.000 денари.