Македонскиот кандидат за Оскар, „17“ со скопска премиера на 26. Скопје Филм Фестивал

Макфакс

05/11/2026

14:10

67

Големина на фонт

а а а

Филмот „17“, официјалниот македонски кандидат за Оскар, ќе има скопска премиера на 26. Скопје Филм Фестивал. Овој долгометражен дебитантски филм на режисерката Косара Митиќ ги прикажува личните и генерациските борби на младите, со фокус на прашањата за идентитет, слобода и созревање, а публиката ќе може и да се сретне со творците на филмот.

Во рамките на програмата на 26. Скопје Филм Фестивал, вечер во Македонскиот Народен Театар (МНТ), скопската публика ќе има можност премиерно да го погледне остварувањето „17“, официјалниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата за Најдобар меѓународен игран филм.

Ова остварување го означува долгометражното играно деби на режисерката Косара Митиќ, која со својот прв филм донесува свеж, автентичен и храбар авторски глас во домашната кинематографија. Филмот „17“ претставува суптилен и емотивно суров увид во созревањето, личните борби и предизвиците на новата генерација, отворајќи прашања за идентитетот, слободата и себепронаоѓањето.

Свечената премиерa ќе започне со дефиле на црвениот тепих со почеток од 20:30 часот, каде што ќе пристигнат режисерката Косара Митиќ, актерската екипа и авторите на филмот, заедно со бројни домашни и меѓународни гости од филмската индустрија, по што со почеток во 21:00 часот, ќе следува официјалната премиерна проекција на филмот.

„Скопје Филм Фестивал го заслужи најдоброто – бисерот на поновата македонска кинематографија. Скопје отсекогаш имало пребирлива и страсна филмска публика, па одржувањето на вечерашната премиера е од суштинско значење за културниот пулс на градот. Овој настан испраќа силна порака дека македонската филмска сцена има вкус, капацитет, визија и светски квалитет, факт кој до сега го покажа филмот ’17’ со учествата на огромен број филмски фестивали, бројните освоени награди и признанија и секако, националната кандидатура за Оскар“, изјави Членот на Советот на СФФ и куратор на фестивалот, Ники Никитин.

Покрај проекцијата на филмот, публиката на Скопје Филм Фестивал ќе има можност да се сретне со дел од авторската и актерската екипа зад „17“, кои ќе споделат детали од процесот на создавање на филмот што ја претставува македонската кинематографија во трката за најпрестижното филмско признание.

Поради огромниот интерес за премиерното прикажување на филмот во Скопје, Организаторите на фестивалот препорачуваат билетите да се обезбедат навреме преку продажната мрежа на MK Tickets. Покрај премиерната проекција на „17“ во рамки на фестивалската програма, филмот ќе се прикажува во редовен репертоар во киното Синеплекс започнувајќи од 6 ноември.