МЈА: Европската комисија го нотира напредокот, остануваме посветени кон реализација на реформската агенда

Макфакс

05/11/2026

11:40

50

Големина на фонт

а а а

Извештајот на Европската комисија за 2026 година нотира напредок во реформата на јавната администрација, особено во правец на јакнење на институционалната и законската основа, и нагласува дека Министерството за јавна администрација останува посветено на реализацијата на реформската агенда за трансформација на системот.

Од таму додаваат дека Европската комисија го нотира зајакнувањето на капацитетите на Министерството за координација и следење на управувањето со човечките ресурси во јавната администрација.

„Ова е резултат на системски пристап кон реформата, кој во изминатиот период донесе конкретни законски и институционални промени, преку усвојувањето на новите закони за административните службеници и вработените во јавниот сектор во 2025 година и Законот за високите раководители во 2026 година. Овие законски решенија се темел за воспоставување професионален и одговорен систем, во кој стручноста, заслугите и компетентноста ќе бидат водечки принципи при изборот, напредувањето и раководењето во јавната администрација“, велат од МЈА.

Особено значаен чекор во оваа насока, додаваат од таму, е воспоставувањето на Академијата за јавна администрација, како еден од клучните столбови на реформата и долгорочната професионализација на јавниот сектор. Појаснуваат дека нејзината улога ќе биде суштинска во создавањето нова генерација административни службеници, преку систем на континуирана едукација, специјализирани обуки и развој на компетенции засновани врз европските стандарди и современите практики на јавно управување.

„Во извештајот посебно е препознаена улогата на Советот за реформа на јавната администрација како клучен механизам за обезбедување политичко лидерство, континуирана поддршка и стратешки надзор над реформскиот процес. Неговата улога е од суштинско значење за одржување на реформскиот континуитет, утврдување на приоритетите и координирано спроведување на реформите на највисоко институционално ниво. Особено важен столб на реформата е унапредувањето на проценката на влијанието на регулативата (ПВР), како инструмент за суштинско подобрување на процесот на подготовка и донесување закони и креирање јавни политики. Европската комисија го нотира усвојувањето на новата методологија во јуни 2025 година, со која се воспоставува поцврста основа за систематска и поконзистентна анализа на влијанието на законите“, велат од Министерството.

Како дел од унапредувањето на системот за управување со човечките ресурси, додаваат од таму, се нотира и надградбата на Информацискиот систем за управување со човечките ресурси (ИСУЧР), кој има за цел обезбедување на поефикасно управување со кадровските процеси и претставува основа за подобра евиденција, координација и управување со вработените во јавниот сектор.

„Министерството за јавна администрација останува посветено кон реализација на реформската агенда, а во насока на трансформацијата на јавната администрација во модерен, професионален и ефикасен систем, усогласен со европските стандарди. Нашиот фокус е градење институции со капацитет, интегритет и одговорност, кои ќе обезбедуваат квалитетни услуги за граѓаните, ќе ги намалуваат административните бариери за бизнисите и ќе придонесуваат кон функционална, конкурентна и европска држава“, велат од Министерството за јавна администрација.