ДОМ: Кога реформите се само декор, цената ја плаќаат граѓаните

Макфакс

05/11/2026

10:50

142

Големина на фонт

а а а

Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година се истакнуваат сериозни системски слабости како заглавено правосудство, корупција, заборавени изборни реформи и проблеми во животната средина, а партијата ДОМ ги повикува на вистински реформи и итна акција за подобрување на состојбата.

Најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година повторно ги соголува системските слабости на државата. Зад европската реторика на власта стојат заглавено правосудство, неказнета корупција, заборавени изборни реформи и сериозно заостанување во заштитата на животната средина,  велат од ДОМ.

„И пораките на европскиот известувач Томас Вајц за потребата од надминување на застојот и забрзување на европската интеграција дополнително ја нагласуваат важноста од вистински, а не декларативни реформи.

Случаите на висока корупција и понатаму се одолговлекуваат и често застаруваат, а политичкото влијание врз правосудството го поткопува темелот на правната држава. Во исто време, изборниот систем останува заглавен – ДОМ инсистира на итно спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР преку една изборна единица, отворени листи и 50% застапеност на жените, за гласот на секој граѓанин конечно да има реална тежина.

Особено загрижувачка е состојбата во Поглавјето 27 (Животна средина и климатски промени). Додека се најавуваат големи инвестиции, Законот за климатска акција сè уште не е донесен, управувањето со отпадот е во сериозна криза, а загадувањето на воздухот и водите директно го загрозува јавното здравје.

Не може да се зборува за развој без климатска одговорност и заштита на животната средина, ниту за европски вредности додека институциите не обезбедуваат соодветна заштита од родово базирано насилство и фемициди.

За ДОМ, овие слабости се производ на партизирани институции кои ги ставаат политичките и бизнис интереси пред јавниот интерес. Нема зелена транзиција без владеење на правото, ниту европска иднина со реформи на хартија.

Цената на нефункционалната држава не ја плаќаат политичките елити. Ја плаќаат граѓаните – со загаден воздух, небезбедна средина, неправда, изгубена доверба и пропуштени можности“, се вели во партиското соопштение.