Поднесени се кривични пријави против двајца вработени во Прифатниот центар за странци за тешка кражба и полово вознемирување. Против нив се поведени постапки заради нарушување на законите и моралот на работното место.
Против двајца полициски службеници се поднесени кривични пријави за тешка кражба и полово вознемирување, соопшти полицијата.
Тие биле вработени во Прифатниот центар за странци при Регионалниот центар за гранични работи „Север“.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до ОЈО ГОКК – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Б.Д. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ и против Б.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полово вознемирување“.
Првопријавената, на работно место полицаец во Прифатниот центар за странци при РЦ за ГР Север, на 28.09.2026, за време на посета во Прифатниот центар за странци, од мајката на привремено задржано женско лице одзела еден златен и еден сребрен прстен и 3.000 денари кои ги пронашла при преглед во чантата на привремено задржаното лице.
Второпријавениот, раководител на смена во Прифатниот центар за странци при РЦ за ГР Север, на 30.09.2026, при извршување на работните задачи влегол во собата каде што била сместена привремено задржаната, со вербално и физичко дејствување, како и преку користење електронски средства за комуникација, изразувал сексуална страст и вршел други дејствија кои јасно потсетуваат на сексуален однос со што го повредил достоинството на оштетената, предизвикувајќи ѝ чувство на непријатност, навреденост, понижување и страв, а која во моментот била во состојба на подреденост. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Б.Д. и Б.М. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност и отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка – суспензија.












