Медиуми: Приведен е Давор Мацура, сопственикот на Алта банка

Макфакс

02/11/2026

13:07

2.358

Големина на фонт

а а а

Давор Мацура, сопственикот на банката Алта банка, беше приведен поради сомнежи за организиран криминал поврзан со работењето на банката, која е прогласена за банкротирана. Јавното обвинителство и Народната банка на Србија преземаат чекори за истрага на трансакциите и работењето на банката.

Давор Мацура, сопственикот на „Алта банка“, која беше прогласена за банкротирана, бил приведен синоќа, пренесуваат медиумите во регионот.

Потсетуваат дека Народната банка на Србија поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал против правното лице „Алта банка“ а.д. Белград и неколку одговорни лица на таа банка.

Обвинителството, според написите, наведува дека кривичната пријава им е доставена по е-пошта, и дека од Министерството за внатрешни работи и Службата за борба против организираниот криминал (СБПОК) е побарано итно да дејствуваат и да го проверат целото работење на банката и сите околности што доведоа до одземање на дозволата за работа.


На 27 октомври, Јавното обвинителство за организиран криминал поднесе барање до Народната банка на Србија за собирање на потребни информации и податоци за сите трансакции извршени во странство во периодот од 27 септември, до датумот на поднесување на извештајот, на 27 октомври.

Според ова барање, Народната банка на Србија на 30 октомври ги доставила до Јавното обвинителство за организиран криминал информациите што ги има во кварталните извештаи, до 20 септември, додека извештајот за бараниот период, како што наведува Народната банка на Србија, ќе може да се достави по 4 ноември, пишуваат медиумите.


Како што се додава, на 29 октомври, до Народната банка на Србија е испратено ново барање за собирање на податоци поврзани со конверзијата и одливот на средства од сметката на „Алта банка“ а.д. Белград, кон странство.

На 30 октомври, Јавното обвинителство за организиран криминал поднесе до Министерството за внатрешни работи, Службата за борба против организираниот криминал, барање за проверка на работењето на „Алта банка“ а.д. Белград, како и одговорни лица во Народната банка на Србија, во врска со можни одливи од сметката на „Алта банка“ а.д. Белград и трансфери на пари во странство.

На денешната седница, Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ а.д. Белград.


Народната банка на Србија претходно објави дека Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде назначена за стечаен управник со судска одлука, според написите во српските медиуми.