Британскиот актер Калум Тарнер, еден од финалистите во изборот за новиот Џејмс Бонд, ја напуштил управата на компанијата што ја основал со неговата сопруга Дуа Липа. Таблоидите тоа го толкуваат како знак дека се подготвува за улогата, но оставката е поднесена пред речиси една година.
„Дејли мејл“ објави дека 36-годишниот Тарнер поднел оставка од местото директор во продуцентската куќа „Twentytwo Films“, што овој весник го оценил како можен знак дека актерот целосно се посветил на борбата за улогата на агентот 007. Според пишувањето на „Дејли мејл“ Тарнер и Дуа Липа компанијата ја основале со еднакви удели, со цел да произведуваат филмови и серии.
Меѓутоа податоците од британскиот регистар на компании „Companies House“,покажуваат дека оставката не е свежа. Тарнер за директор на компанијата „Twentytwo Films Limited“ бил назначен на 25 август 2025 година, а оставката ја поднел на 10 декември 2025 година. Компанијата сè уште е активна.

Приказната дополнително ја подгрејаа наводите на анонимен извор на „Сан“, кој тврди дека Тарнер ги повлекува сите вистински потези за да стане новиот Бонд, бидејќи улогата бара целосна посветеност, а за продуцентите тоа е приоритет.
Пробни снимања во „Bray Studios“
„Варајети“ кон крајот на октомври објави дека почнуваат завршните пробни снимања за новиот Бонд и дека Тарнер и Џек Лоуден се меѓу кандидатите, а изборот на актерот го води директорката за кастинг Нина Голд. Според изворите на „Дедлајн“ понуди за пробни снимања добиле најмалку четворица актери, од кои тројца се Тарнер, Лоуден и Џош О’Конор, додека името на четвртиот не е познато.
„Дејли мејл“ наведе дека Тарнер прв дошол на пробно снимање, на 23 октомври во „Bray Studios“ во Беркшир, кој „Амазон МГМ“ го купи во 2024 година.
Иако таблоидите го претставуваат како главен фаворит, британската обложувалница „Ladbrokes“ најголеми шанси му дава на Лоуден, со коефициент 8/11. Тарнер е втор со коефициент 2/1, додека О’Конор заостанува со коефициент 8/1.

Одлуката се очекува до крајот на годината
„Амазон МГМ“, кој ја контролира франшизата, во мај потврди дека потрагата по новиот Бонд е во тек и најави дека нема да ги коментира деталите од кастингот. Новиот филм ќе го режира Денис Вилнев, сценариото го пишува Стивен Најт, а продуценти се Ејми Паскал и Дејвид Хејман. Студиото сè уште нема објавено кој ќе го наследи Даниел Крег, но според пишувањето на „Варајети“, одлуката се очекува пред крајот на годината.

Бонд досега во официјалниот филмски серијал го играле шест актери: Шон Конери, Роџер Мур, Џорџ Лејзенби, Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крег.










