Морал да ја напушти луксузната клиника: Каде денес се крие таткото на Меган Маркл по обвинувањата што го потресоа светот

Точка

01/11/2026

15:15

424

Големина на фонт

а а а

Томас Маркл, таткото на војвотката од Сасекс, наводно морал да го напушти луксузен центар за рехабилитација во Флорида по појавата на сериозни обвинувања. Додека властите на Филипините го истражуваат случајот, а ФБИ најавува поддршка, 82-годишниот Маркл тврди дека станува збор за лаги и за сè го обвинува сопствениот син.

Оттуѓениот татко на Меган Маркл, 82-годишниот Томас Маркл, наводно бил преместен во дом за стари лица во Флорида, среде истрага за обвинувањата дека меѓу неговите лични работи на Филипините биле пронајдени материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца. Маркл категорично ги негира сите обвинувања.

Според пишувањето на британскиот весник „Сан“, пензионираниот холивудски мајстор за осветлување до неодамна закрепнувал во луксузна установа за рехабилитација, каде што повторно учел да оди со протеза, откако во декември 2025 година му била ампутирана левата нога.


Меѓутоа, откако обвинувањата излегоа во јавноста, управата наводно побарала од него да ја напушти установата.

„Тој беше преместен по вестите за кривичните дела што му се припишуваат, бидејќи тоа не се одразува добро на нашиот углед“, пренесува весникот, повикувајќи се на извор од клиниката.

Локацијата на новата установа не ѝ е позната на јавноста.

Истрага на Филипините и поддршка од ФБИ

Целиот случај го покренал Томас Маркл помладиот, полубратот на Меган, кој тврди дека спорните материјали ги пронашол меѓу предметите што нивниот татко ги оставил во куќа во Себу, каде што двајцата некогаш живееле.

Истрагата за „Ројтерс“ ја потврдил заменик-министерот за правда на Филипините, Николас Тај, наведувајќи дека со случајот раководи специјална работна група за борба против трговијата со луѓе и сексуалната злоупотреба на деца на интернет.


Се огласи и ФБИ, соопштувајќи дека е запознаено со обвинувањата, дека ќе им ја обезбеди потребната поддршка на филипинските власти и дека ќе ги истражи евентуалните прекршувања на американските закони.

Томас се преселил на Филипините по низа здравствени проблеми, меѓу кои биле и мозочни удари. Таму итно бил опериран поради сериозно згрутчување на крвта, по што се вратил во САД на лекување и рехабилитација.

Дополнителна бура предизвика и „Дејли мејл“, кој тврди дека влегол во напуштен магацински простор во мексиканскиот град Росарито Бич, изнајмен на името на Маркл, каде што наводно исто така биле пронајдени спорни материјали.

Весникот наведува дека за сè го известил ФБИ, но неговите тврдења не се независно потврдени.

„Не знам зошто мојот син сака да ме уништи“

Маркл тврди дека е невин.


„Шокиран сум, повреден и многу вознемирен што мојот син ме обвинува за вакво нешто. Никогаш не би можел да го направам она за што ме обвинуваат. Тоа е најстрашното нешто за кое некој може да биде обвинет“, изјавил тој за „Дејли мејл“.

Обвинувањата ги нарекол „куп лаги“ и додал дека не разбира зошто неговиот син се обидува да го уништи.

Меган: Со причина ги заштитував моите деца

Меган Маркл (45) се огласи со соопштение на 23 октомври, истакнувајќи дека е длабоко потресена од вестите и дека нејзините мисли се со сите деца кои можеби биле жртви на злоупотреба.

Таа откри и дека во 2018 година ѝ било покажано писмо испратено до лондонската Метрополитенска полиција, во кое биле изнесени обвинувања против нејзиниот татко, и дека верувала оти надлежните органи ги истражуваат.


Токму тоа, како што рече, била причината поради која не му дозволувала на својот татко да има контакт со нејзините и децата на Хари, принцот Арчи (7) и принцезата Лилибет (5).

„Се надевам дека сега е јасно дека моето дистанцирање од татко ми и покрај искривеното претставување на фактите од страна на одредени медиуми низ годините, имало само една причина: да ги заштитам децата“, истакна војвотката.

Таа додаде дека се надева оти правдата ќе биде задоволена и дека безбедноста на невините деца ќе остане на прво место.

Фото: Сан