Зеленски му постави ултиматум на Вашингтон: Нема прекин на нападите без „Патриот“

Макфакс

02/11/2026

08:20

336

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја ќе ги запре нападите врз руските рафинерии, како што побара американскиот претседател Доналд Трамп, доколку Вашингтон му обезбеди на Киев ракети-пресретнувачи „Патриот“.

Соочен со инфлацијата, која во голема мера е последица на скокот на цените на енергијата поради конфликтот во Иран, како и меѓу Русија и Украина, Трамп побара двете страни да престанат со нападите врз енергетската инфраструктура.

Зеленски синоќа за „Фокс њуз“ изјави дека имал „неколку различни разговори“ со американскиот претседател и неговиот тим на оваа тема.

„Рековме: Ако сакате да не напаѓаме руски рафинерии, тогаш тие (Русите) не смеат да го нападнат нашиот енергетски систем. Друга опција е: Дајте ни ракети „Патриот““, рече украинскиот претседател.

Тој изјави дека, доколку Вашингтон ги обезбеди овие системи за воздушна одбрана, кои служат за пресретнување на руски беспилотни летала и ракети, во рок од еден месец, Киев ќе ги запре нападите врз руските рафинерии.

На прашањето дали се плаши дека тоа може да се сфати како обид за „вршење притисок“ врз републиканскиот милијардер, украинскиот претседател одговори негативно.

„Не ме загрижува да ја кажувам вистината меѓу партнерите“, рече Зеленски.

Стејт департментот во петокот објави дека администрацијата на Трамп одобрила продажба на 500 ракети „Патриот“ на Украина.

Сепак, украинскиот претседател предупреди дека испораките може да траат со години, а воените власти во неговата земја со недели предупредуваат за исцрпување на залихите.

Зеленски рече дека неговите американски и европски сојузници би можеле да ја снабдат Украина со ракети од сопствените залихи, кои потоа би можеле да се надополнат преку купувања одобрени во петокот.