Од СДС следат пропаднати банки и штедилници и загрозување на банкарскиот систем во Македонија, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое партијата обвинува дека за време на владеењето на СДС пропаднале повеќе финансиски институции.
Како последен пример ја посочуваат Еуростандард банка, која пропадна во август 2020 година, а како една од главните причини за нејзиното пропаѓање било наведено давањето кредити без соодветно покритие.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека меѓу фирмите што добиле големи кредити без покритие имало и 29 струмички компании, меѓу кои и фирми блиски до тогашниот премиер и претседател на СДС, Зоран Заев.
Како примери се посочуваат „Сара инженеринг“, сопственост на Вице Заев, како и „Глобал медиа груп“ и „Тритерол“, за кои од партијата велат дека се фирми на деловни партнери на семејството Заеви.
Според ВМРО-ДПМНЕ, овие фирми преку високоризични кредити без соодветно покритие добиле големи суми пари, кои потоа не биле вратени, а се стекнале со богатство од 13 милиони евра. Од партијата обвинуваат дека парите што граѓаните ги штеделе во банката завршиле кај компании блиски до политички функционери.
„Трагите на парите од Еуростандард банка покажуваат дека зад нејзиното пропаѓање стојат функционери и фирми блиски до функционерите на СДС, на чии сметки завршувале парите кои граѓаните ги штеделе во банката“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и на пропаѓањето на битолската штедилница ТАТ во 1997 година, кога СДС исто така била на власт, оценувајќи дека случајот предизвикал сериозно нарушување на довербата во тогашниот банкарски систем и тешки социоекономски последици.
Во соопштението, партијата оценува дека СДС е минато и дека, како што наведува, нема да се остварат сценаријата за предизвикување општ хаос што му ги припишува на претседателот на СДС, Венко Филипче. Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека банкарскиот систем во Македонија е стабилен, а заштедите на граѓаните се безбедни.












