По саботниот марш, демонстрантите поставиле повеќе од 50 шатори на плоштадот Росио. Полицијата интервенирала утрово, а протестирачите бараат повлекување на предлог-законот за изнајмување станови.
Португалската полиција утрово, 1 ноември, го расчисти кампот со шатори на плоштадот Росио во Лисабон, поставен по саботниот марш против високите трошоци за домување, објави Ројтерс.
Демонстрантите поставиле повеќе од 50 шатори по протестот на кој учествувале илјадници луѓе. Полицијата со штитови и со употреба на палки растерала дел од насобраните што го штителе кампот.

Протест за правото на домување во Лисабон. Фото: Ројтерс, преку Business Recorder
Бараат повлекување на законот за изнајмување
Пред интервенцијата, полицискиот командант трипати предупредил дека шаторите мора да бидат отстранети и дека отпорот може да доведе до пријави за непослушност. Помал камп бил расчистен и во Порто.
Протестирачите бараат владата да го повлече предлог-законот за изнајмување, со кој се олеснуваат иселувањата и се укинуваат ограничувања на кириите за нови договори. Тие сметаат дека мерките ќе ја влошат станбената криза.
Премиерот Луиш Монтенегро претходно одби повлекување на предлогот, но најави можност за измени пред конечното гласање. Социјалистичкиот пратеник Педро Делгадо Алвеш оцени дека состојбата на плоштадот била мирна и ја оспори потребата од употреба на сила.








