[ФОТО/ВИДЕО] Ѕвезда од серијата „Игра на тронови“ ја поминал ноќта во метро во Киев: Се засолнил од руските напади

Точка

30/10/2026

21:07

559

Големина на фонт

а а а

Актерот Николај Костер-Валдау за време на посетата на Киев бил принуден да побара засолниште во метрото поради опасност од руски воздушни напади.

Николај Костер-Валдау, познат по улогата на Џејми Ланистер во популарната серија „Игра на тронови“, ноќта меѓу среда и четврток ја поминал во метро-станица, заедно со жителите на украинската престолнина, кои таму побарале засолниште за време на воздушната тревога.

Актерот го споделил своето искуство на социјалните мрежи, каде што објавил и фотографии од метрото. Во објавата навел дека ноќта ја поминал во киевското метро, опишувајќи ја како исклучително тешка.

Според пишувањата на странските медиуми, актерот престојувал во Украина во својство на амбасадор на добра волја на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Неговата посета на Киев се одвивала во период кога жителите на градот повторно морале да побараат засолниште поради опасност од можни напади.

Метрото во украинската престолнина за време на воздушните тревоги често служи како засолниште за граѓаните.

Костер-Валдау на тој начин имал можност одблизу да види како изгледа секојдневието на луѓето кои поради војната се принудени да ги прекинуваат своите вообичаени активности и да ги поминуваат ноќите во подземни засолништа.

Инаку актерот стекна светска популарност со улогата на Џејми Ланистер во серијата „Игра на тронови“, а во последните години учествува и во хуманитарни и меѓународни иницијативи, вклучително и активности на Обединетите нации.