Меркел сака Германија за првпат во историјата да добие жена претседател

Макфакс

30/10/2026

19:40

164

Големина на фонт

а а а

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел се заложи Германија за првпат во својата историја да добие жена на претседателската функција, откако на актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во март следната година ќе му истече вториот петгодишен мандат.

„Во 77-годишната историја на Сојузна Република Германија никогаш не сме имале претседателка“, изјави Меркел во интервју за „Магента ТВ“, додавајќи дека е време да се размисли за таква можност.

„Познавам жени кои би можеле да ја извршуваат таа функција“, рече поранешната канцеларка, но не откри на кои личности мисли.

Новиот германски претседател треба да биде избран на 30 јануари 2027 година од страна на Сојузното собрание, посебно уставно тело задолжено за избор на шефот на државата.

Меѓу можните кандидатки се споменуваат претседателката на баварскиот парламент Илзе Ајгнер, претседателката на Бундестагот Јулија Клекнер, министерката за образование Карин Прин и поранешната лидерка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.