ФИФА од Мундијалот остварила приход од пет милијарди долари само од билети и угостителски услуги

Точка

29/10/2026

16:46

292

Големина на фонт

а а а

Светското првенство во фудбал, кое летово се одржа во САД, Мексико и Канада, ѝ донесе огромни приходи на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Според податоците на британски „Тајмс“, светската фудбалска организација само од продажбата на билети и угостителски услуги остварила приход од околу пет милијарди долари.

ФИФА засега одбива да ја потврди оваа сума. Според портпаролот, официјалните податоци ќе бидат објавени во следниот годишен извештај, откако ќе завршат неопходните ревизии.


За споредба, ФИФА од продажбата на билети за 64 натпревари на Светското првенство во Катар во 2022 година заработила 929 милиони долари. Во САД, Мексико и Канада се одиграа 40 натпревари повеќе, а приходот бил повеќе од петпати поголем.

Неодамна претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, објави дека годинашното Светско првенство остварило вкупен приход од 15 милијарди долари, што е две милијарди повеќе од очекуваното.


ФИФА пред и за време на Мундијалот беше на мета на остри критики од јавноста поради политиката за продажба на билети. За разлика од претходните турнири, ФИФА за првенството во САД, Мексико и Канада воведе динамичко одредување на цените, според кое тие растат или паѓаат во зависност од побарувачката, со провизија од 30 проценти за секоја препродажба на билети.

Почетните цени на билетите беа највисоки во историјата на Светското првенство. На пример, цените на билетите за финалето на стадионот Метлајф во Њу Џерси, кое се одигра на 19 јули, почнуваа од 4.185 долари, што е седумпати повеќе од цената на најевтиниот билет за финалето во Катар во 2022 година.


Како одговор на, како што наведоа, „многу високите“ цени, организациите „Football Supporters Europe“ и „Euroconsumers“, кои се занимаваат со заштита на правата на навивачите и потрошувачите, поднесоа официјална жалба до Европската комисија.

ФИФА упорно ја бранеше својата ценовна политика, нагласувајќи дека целиот приход остварен од продажбата на билети на крајот повторно ќе биде вложен во фудбалот. Истовремено истакнуваше дека цените ги одразуваат особеностите на северноамериканскиот пазар, каде што не е невообичаено да се платат неколку стотици долари за присуство на спортски настани.

ФИФА соопшти дека на натпреварите на турнирот присуствувале дури 6,81 милиони навивачи, со исполнетост на стадионите од 99,7 проценти.