Младата македонска пејачка Ана Стојаноска, која ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија 2026 во Малта, доживеа незаборавно изненадување по враќањето во своето училиште во Струга.
Нејзините соученици и наставници ѝ приредија емотивен пречек со балони, конфети, аплаузи и прегратки.
„Нашата ученичка Ана нè исполни со радост и гордост! Нејзиниот настап на Детската Евровизија ни покажа дека со талент, труд и храброст се освојуваат срцата. Ана, горди сме на тебе! Продолжи да блескаш!“, истакнаа од ООУ „Јосип Броз Тито – Струга“.
Емоциите беа видливи и кај младата пејачка, која не го криеше своето изненадување од гестот на нејзиното училиште.
Ана ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија, одржана на 24 октомври во Малта, со песната „Идната јас“. Иако на натпреварувањето го освои последното место (16-то) со освоени 57 поени, за своите сограѓани и соученици Ана е вистинска победничка.
Таа со својата харизма, моќна изведба и насмевка, покажа како се претставува сопствената земја пред милионската публика, а поддршката што ја доби дома е потврда дека нејзиниот музички пат тукушто започнува.
Инаку победата на ова натпреварување ѝ припадна на 13-годишната Наре од Ерменија, која со песната „Бу!“ освои 202 поени.






