Независното здружение на новинари на Србија поднесува официјално барање до Регулаторното тело за електронски медиуми за забрана на телевизискиот канал Информер, кој е обвинет за пропаганда и прекршување на законските обврски, по инцидентите пред седиштето на телевизијата во Белград.
Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) најави дека денес ќе поднесе официјално барање до Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) за одземање на дозволата за емитување на телевизискиот канал „Информер“. Овој медиум отворено го поддржува Александар Вучиќ, со години служи како негов пропаганден канал и директно ги напаѓа неговите противници.
Овој потег доаѓа еден ден откако демонстранти влегоа во просториите на каналот во Белград и го прекинаа преносот во живо.
Барањето ќе биде поднесено попладне од страна на претставници на граѓански организации, новинарски здруженија и катедри за новинарство при универзитетите во Белград, Нови Сад и Ниш.
„Оваа иницијатива е одговор на долгогодишните систематски прекршувања на законот и програмските обврски – прекршувања кои РЕМ досега не ги санкционираше“, соопштија од НУНС.
Иницијативата доаѓа по инцидентите што се случија вчера пред седиштето на „Информер“ во Белград. Група демонстранти влегле во просториите на телевизијата и го прекинале емитувањето, што довело до судир со полицијата, која се обидела да ги отстрани лицата од зградата.
На настаните реагираше и „Студентската листа“, која победи на парламентарните избори во Србија. Тие изјавија дека не поддржуваат упади во медиуми или институции и дека не се залагаат за такви постапки.
„Ние ќе ги ослободиме медиумите преку Собранието, преку институционална борба за слобода и професионално новинарство“, наведоа студентите.
Уште пред вчерашните настани, РЕМ разгледуваше пријави против „Информер“. На почетокот на октомври беа покренати две постапки против оваа телевизија, но регулаторот сè уште нема донесено конечна одлука во врска со утврдените прекршувања и можните санкции.
Сопственикот и главен уредник на „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, упадот го нарече „монструозно насилство“ и тврдеше дека демонстрантите се обиделе да ја запалат зградата и да го убијат, но овие тврдења не се независно потврдени. Тој, исто така, упати обвинувања кон Дијана Хрка, мајката на 27-годишниот Стефано Хрка, кој загина при падот на настрешницата во Нови Сад. Вучиќевиќ тврди дека Хрка му се заканила оти ќе се погрижи неговите деца да завршат исто како нејзиниот син. Ниту ова обвинување не е потврдено.












