Алармантни резултати од истражување: Дури 96 отсто од коралните гребени во светот се загрозени

Точка

26/10/2026

19:01

452

Големина на фонт

а а а

Првото систематско истражување на сите 127 корални гребени во плитките води ширум светот откри дека 96 отсто од нив се загрозени и дека им се заканува исчезнување.

Извештајот во четвртокот го објави Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), организација која исто така ја води Црвената листа на загрозени видови.

Студијата се занимава со добро познатите, шарени корални гребени кои се наоѓаат на длабочина до околу 40 метри и кои, благодарение на температурата на водата и продирањето на светлината, претставуваат живеалишта со исклучително богат биодиверзитет.


Меѓу загрозените подрачја се делови од Големиот корален гребен покрај брегот на Австралија, Коралниот триаголник во западниот дел на Тихиот Океан и Југоисточна Азија, Мезоамериканскиот корален систем, како и коралните гребени во Црвеното Море.

Од Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) истакнуваат дека коралите можат да поднесат само мали температурни колебања. Доколку водата стане премногу топла, коралите ги исфрлаат микроалгите што живеат во нивното ткиво и ги снабдуваат со хранливи материи. Тогаш доаѓа до избелување на коралите, по што тие често угинуваат.


Поради климатските промени, морските топлотни бранови стануваат сè почести.

Од „IUCN“ нагласуваат дека коралните гребени дополнително се загрозени и од прекумерниот риболов, особено во Источна Азија, на Карибите и во Бразил.

Кога коралниот гребен ќе пропадне, неговата основа – тврдите корали – речиси целосно исчезнува. На нивно место се шират алги и морски сунѓери.

Екосистемот, кој некогаш бил богат со различни видови, станува сиромашен и повеќе не може да обезбеди живеалиште за многу животни што природно живееле во него – од школки и морски краставици до гребенски риби, морски желки и ајкули.


Експертите на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) ја засновале својата проценка на умереното климатско сценарио на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), кое предвидува зголемување на температурата на атмосферата за околу 2,7 Целзиусови степени до крајот на векот.

Меѓународната заедница првично постави цел глобалното затоплување да се ограничи на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, но сега се смета дека постигнувањето на оваа цел е речиси невозможно.