Мурињо: Беше одличен натпревар на високо ниво; Флик: Правевме грешки, а тие ги искористија своите шанси

Точка

26/10/2026

09:56

753

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид, предводен од Килијан Мбапе, во дуелот со најголемиот ривал Барселона славеше со 2:1 и му го нанесе на каталонскиот тим првиот првенствен пораз сезонава. Мбапе погоди во 41. и 87. минута, додека единствениот гол за Барселона го постигна Рафиња во 61. минута на стадионот Камп Ноу. Екипата на Жозе Мурињо стигна до петтата последователна победа и се доближи на само три бода до водечките Каталонци.

„Беше одличен натпревар на високо ниво, средба што сигурно ја следеа сите љубители на фудбалот. Двете екипи играа на победа, а моите играчи завршија извонредна работа. Бевме организирани, концентрирани и доволно храбри да ја изнесуваме топката од одбраната против ривал што вршеше силен пресинг. Имавме шанси да поведеме со 2:0, вклучувајќи ја и ситуацијата двајца на еден со Џуд и Килијан. Барселона силно реагираше во второто полувреме, но останавме смирени и организирани и не ја изгубивме главата ниту по израмнувањето“, изјави Мурињо.

Португалскиот стручњак смета и дека Жоао Кансело заслужил црвен картон по прекршокот над Јан Диоманде.

„Судијата заврши одлична работа, но ВАР во оваа ситуација спиеше. Тоа беше чист црвен картон за Кансело“, истакна Мурињо.

Тренерот на Реал се осврна и на ротациите во тимот.


„Камавинга е првотимец, како и останатите играчи што тренираат за да играат. На тренерот е да ја донесе одлуката. Некои тренери погледнуваат кон клупата и немаат решенија, додека јас имам широк играчки кадар со фудбалери што можат да бидат стартери. Против Барселона е тешко да се искористи просторот бидејќи често сте во офсајд, па мора да ја приспособите тактиката“, објасни португалскиот стручњак.

Зборуваше и за голманот Андриј Лунин, кој го замени болниот Тибо Куртоа.

„Веќе ми поставивте две прашања, а ниту едно не беше за Лунин. Да загубевме поради негови грешки, првото прашање ќе беше токму за него. Му реков само дека не тренира за да седи на клупата. Одигра многу смирено и зрело. Го имаме најдобриот голман на светот, но денес никој не плачеше затоа што Тибо Куртоа не играше“, нагласи Мурињо, а потоа им испрати јасна порака на своите играчи:

„Ако загубиме на Ел Сардинеро, оваа победа нема да значи ништо. Реал Мадрид не игра за да победи на Камп Ноу, туку за да го освои првенството.“


Тренерот на Барселона, Ханси Флик, очекувано беше многу разочаран по поразот во Ел Класико.

„Не ни беше лесно, Реал одигра многу добро. Ни недостигаше малку среќа, но мора да го прифатиме тоа. Правевме грешки, а тие ги искористија своите шанси. Мора да го прифатиме тоа и да бидеме подобри. Нашето прво полувреме не беше добро. Второто, по голот, беше многу подобро. Го контролиравме натпреварот“, изјави Флик.

Барселона во истата недела, покрај од Реал, загуби и од Пари Сен Жермен.


„Оваа недела не беше совршена. Загубивме во Париз, а сега и во првенството. И понатаму сме на врвот на табелата, но ни е потребна поголема енергија. Не сме доволно свежи. Штета“, додаде тренерот на каталонскиот тим.

Флик се осврна и на проблемите со повредите, кои дополнително ја отежнаа ситуацијата во неговиот тим.

„Повеќе немаме никого во одбраната. Имаме многу повредени играчи. Тоа е огромен удар за нас. Погледнете колку проблеми имаме со повредите. Ерик, Жил и Чави добија удари. Го чекаме Кристенсен. Мислам дека ќе се врати во текот на следните неколку недели. Се чини дека ситуацијата е добра и со Ерик и со Кунде. Среќен сум што Френки и останатите се вратија. Не е лесно да се справувате со таква ситуација“, заклучи Флик.