Тепачка во Белград, интервенираше полиција и Брза помош

Макфакс

25/10/2026

15:23

728

Големина на фонт

а а а

Во населбата Дорчол во Белград се случи физичка пресметка помеѓу група луѓе, што доведе до интервенција на полицијата и Итната медицинска помош. Во инцидентот е повредена жена, а причина за тепачката бил конфликт поврзан со сопственик на пицерија и сомневања околу изборниот процес.

Во белградската населба Дорчол, денеска дошло до конфликт кој прераснал во физичка пресметка, по што на местото биле забележани полиција и екипа на Итната медицинска помош, јави Н1. Според сведоштва на граѓани, во инцидентот била повредена жена, која најпрво се расправала вербално, а потоа била физички нападната, по што, како што се претпоставува, била пренесена со возило на Итната помош.

Според изјавите на очевидци и снимките објавени од граѓани, пресметката се случила во близина на пицеријата „Цезар“, чиј сопственик Миќа Совтиќ, наводно, учествувал во конфликтот. До судирот дошло околу 14 часот, кога група лица незадоволни од случувањата во пицеријата се обиделе да го снимаат сопственикот, по што настанала расправија која прераснала во физичка пресметка.

Пицеријата и во претходниот изборен циклус беше споменувана поради сомневања на опозициски активисти дека во неа се воделе паралелни избирачки списоци. На местото на инцидентот биле присутни сообраќајната полиција, а интервентни полициски единици се упатиле кон улицата „Цара Душана“. Засега нема потврдени информации за идентитетот на повредената жена, односно дали станува збор за граѓанка или членка на некој од мобилните изборни тимови.