Нови детали за случајот со кубанските вакцини против рак: Обвинителството изврши претреси, пронајдени докази

Макфакс

23/10/2026

16:40

269

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство во Велес изврши претреси и обезбеди докази во случајот со кубанските вакцини против рак, поради сомнежи за измама и надрилекарство. Осомничениот е хоспитализиран, а постапката продолжува со собирање дополнителни докази.

Обвинителство изврши претреси за случајот „кубански вакцини“

Основното јавно обвинителство Велес, постапувајќи во оформен предмет против едно лице за кривични дела – измама од член 247 и Надрилекарство од член 209 од Кривичниот законик, обезбеди наредби за претреси на повеќе локации.

Се постапува за обезбедување докази во однос на сознанијата дека осомничениот, со намера да прибави противправна имотна корист, довел во заблуда повеќе лица, лажно нудејќи им кубански вакцини против рак.

При претрес на работното место на осомничениот во Велес, пронајдени се докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Одземени се и електронски уреди, а се преземаат и други дејствија на проверки.

Надлежниот јавен обвинител врши распити на оштетени и други лица кои би можеле да имаат сознанија важни за целосно испитување на настанот.

Основното јавно обвинителство Велес до судот достави и предлог за определување на мерки на претпазливост – одземање на патната исправа и обврска на осомничениот да се јавува во Судот.

Лицето во моментот е хоспитализирано во медицинска установа, каде му е врачено решението за определување на мерките.

Како што пристигнуваат дополнителни информации и сознанија, Јавното обвинителство и МВР продолжуваат да преземаат дејствија за обезбедување докази.