Градот Скопје ги обновува и реконструира вандализираните спомен-обележја, вклучувајќи го и споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија, како дел од проектот за ревитализација на паркот „Жена борец“. Оваа иницијатива има за цел да ги зачува историските потсетници и да ја подигне вредноста на јавните простори во главниот град.
Реконструкција на спомен-обележјето на децата бегалци
Градот Скопје го реконструира вандализираното спомен-обележје на децата бегалци од Егејска Македонија, како дел од активностите за реконструкција на паркот „Жена борец“.
– Го вративме вандализираното спомен-обележје на децата бегалци од Егејска Македонија, во чест на нивните судбини, прекинатото детство и незгаснатата љубов кон родниот дом. Некои рани никогаш не зараснуваат. Таква е и раната за децата бегалци коишто прерано останале без своите домови. Овој споменик којшто во моментов го реконструираме беше мета на вандализам во минатото и со години стоеше без плоча и без никакво обележје, но веќе започнавме активности со коишто спомен-обележјата во главниот град ги враќаме во првобитна состојба, бидејќи станува збор за споменици, коишто се одлика за минатото, но и правец каде во иднина треба да се движиме ние како нација, како народ и како жители на град Скопје, но и потсетник да бидат за младите коишто треба да си ја знаат својата историја. Освен овој споменик и на останатите споменици каде што има аномалии во наредниот период ќе превземеме активности за да ги ревитализираме целосно. Го обновуваме просторот кој ја чува нашата колективна меморија и му го враќаме достоинството што го заслужува – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека во тек се градежните активности за целосна реконструкција на паркот „Жена-Борец“.
– Во паркот „Жена-борец“ после долги години се прави целосна ревитализација којашто опфаќа средување на патеките, партерно уредување, нова инфраструктура којашто ќе биде овде поставена, а е поврзана со нови клупи, корпи за отпадоци и се останатно што значи дека едно од најубавите катчиња во градот Скопје ќе го добие својот модерен лик, онака како што заслужуваат граѓаните – нагласи Ѓорѓиевски.












