Луис Енрике е исклучително задоволен што ПСЖ забележа и трета победа во низа во Лигата на шампионите, но фактот што истата беше остварена над неговиот омилен клуб направи да биде доста резервиран во славјето.
Популарниот Лучо е голем фан на приврзаник на Барселона и затоа со огромна почит говореше кон ривалот, меѓутоа не пропушти да нагласи дека европскиот шампион на крајот заслужено стигнал до победа и нови три бода во најелитното европско натпреварување.
– Видов натпревар каков што очекував да видам, многу тежок и многу сложен во секој аспект. Не сфаќате на какво ниво игра Барса сè додека не се соочите против нив. Беше многу израмнет натпревар и одлучуваа детали. Мислам дека бевме одлични во првото полувреме, добро ја контролиравме Барса и ја освојувавме топката на нивната половина. Во второто полувреме имавме период од 10 до 15 минути кога навистина се мачевме, но потоа повторно го пронајдовме ритамот, дадовме гол со кој поведовме и тоа ја смири ситуацијата.
– За да победувате на натпревари и да освојувате големи титули против противници од ваш ранг, мора да знаете како да се прилагодите на различни ситуации во играта. Моравме да се повлечеме во длабок блок околу 15 минути, но исто така во тој период бевме способни и за брзи транзиции. Минатата година против Баерн, бевме принудени да се браниме и немавме друг избор, но успеавме во тоа и на крајот ја остваривме целта. Станува збор за врвни противници кои се способни да ве победат, а Барса е еден од тие ривали, – изјави Луис Енрике, кој на овој натпревар доби и три лоши вести во повредите на Маркињос, Дембеле и Кварацхелија.
– Индивидуалниот и колективниот квалитет на Барса се неверојатни, а тоа го прави настапот на нашиот тим уште поимпресивен. Најголемиот проблем се повредите со кои моравме да се соочиме, односно губењето на тројца многу важни играчи. Тоа е најлошата вест од ова дерби, но таква е реалноста во фудбалот на највисоко ниво. Фудбалот знае да биде доста суров спорт, – изјави Лучо.












