Боби Додевски од Куманово е име кое публиката најчесто го поврзува со стендап-комедијата, хуморот и вицевите, но зад насмеаното лице и шегите се крие и една сосема поинаква професионална приказна. Малкумина знаат дека тој веќе 15 години работи како полицаец, професија која е далеку од сцената и светот на комедијата.
Додека едни го препознаваат по неговите настапи и способноста да ја насмее публиката, други го паметат по една необична љубовна приказна која пред неколку години го привлече вниманието и на светските медиуми.
Боби периодов е актуелен со гостувањата во повеќе емисии и подкасти, каде што зборува за различни теми од својот живот, а беше гостин и во подкастот на Стефан Лазаров. Таму, покрај хуморот и професионалните искуства, се отворија и теми поврзани со неговиот приватен живот, љубовта и брачните искуства.
Зад него се три разводи, но, како што открива неговата животна приказна, љубовта повторно му дала шанса за нов почеток. Денес е во среќен брак со својата четврта сопруга, а неговиот љубовен живот е еден од аспектите што дополнително ја разгореа љубопитноста на јавноста.
Сепак, една од најинтересните приказни поврзани со Боби е неговиот брак со жена која во Македонија пристигнала како мигрантка. Во 2016 година, нивната љубовна приказна привлече големо внимание, а за нив дознаа и бројни странски медиуми. Во период кога мигрантската криза беше една од главните теми во светот, приказната за полициски службеник од Куманово и жена со мигрантско искуство се издвои како необична човечка приказна која ги надмина локалните граници.
За трите разводи и љубовниот живот, Боби раскажува:
„Првпат се оженив на 20 години, реално имав желба да имам дете. Бевме година дена во брак, од првиот брак имам прекрасна ќерка Мартија, од која добив и внука пред 8 месеци.
Сфативме дека сме згрешиле во врска со бракот и сме среќно разведени.

Договорот ни беше само да водиме ред за Мартија, со неа сум немал никаков проблем, функционираме нормално како татко и ќерка.
По првиот брак, дојде вториот, кој не беше успешен. Тогаш стекнав куќа, работевме домаќински, но се случи инцидент преку кој не можев да пројдам, каде мажот секогаш е крив и прифатив дека кривицата е моја.
Изградив куќа од темел, пред бракот имав стан, кој го продадов за да направам куќа. Прекрасна, со 14 соби, 900 квадрати плац... Се случи тоа што се случи, разводот беше бурен и лош.
Бев обвинуван за сешто, реков ќе прифатам се на мој грб, дека ќе ме судат за насилство и триста чуда, имав многу кривични пријави, дека не ги чувам децата како што треба (две од вториот брак), ми се правеа ситни игри, па добив и забрана за приближување“.
Третиот брак во којшто стапил Боби е всушност со мигрантка, иако мислел дека е во љубов, сепак имал немила случка, а за целата ситуација, Боби вели:
„Тоа беше првиот ден откако Србија ја блокираше границата и не пушташе повеќе мигранти да одат нагоре. На нас во една вечер ни проаѓаа по 10 до 15 илјади мигранти, кои бегаа од Сирија, од Ирак. Ни се собираа луѓе, 4 дена буквално во кал живееја на меѓузона. И таа се онесвести, јас дојдов да ѝ помогнам. Падна, се случи тоа, се запознавме, почнавме да се дружиме и решивме дека сакаме да живееме заедно.

Се знаевме 2-3 месеци пред да ја земам за жена. Се гледавме во камп, бидејќи јас работев таму. Решивме дека сакаме да сме заедно, таа остана бремена, а јас бев единствен човек во Куманово што присуствувал на породување.
Некако бебето се крена нагоре, мене ме исфрлија од родилната сала, ме тргнаа и подоцна дознавам дека бебето починало од што се угушило, бидејќи не го извадиле на време и со реанимација му се оштетува мозокот 80%.
Бебето се викаше Илија, беше голем проблем затоа што беше на апарати, на машини за одржување. Единствено решение беше да се даде на делумно посвојување во Мајчин дом во Битола, каде што јас си плаќав издршка.
Тука буквално заврши нашата приказна, нашата љубов. Она замина буквално без поздрав и го остави Илија. Ми рече – Јас сакам да продолжам по друг живот, си заминувам од тука.
Илија беше жив 3 години во страшно состојба и после 3 години почина“.

По бурното љубовно минато, тој сега е 8 години во среќен брак со сопругата Тања, со која има две деца:
„Се познававме два дена, се имавме видено еднаш со друштво, па дојде кај мене. Ми рече ако ѝ погодам три песни ќе се омажи за мене.
Ѝ ги погодив песните, во 5 сабајле се јави на мајка ѝ да ѝ каже дека е омажила. Ја запросив официјално еден месец подоцна и се венчавме. Сега сме заедно 8 години.
Прекрасна жена е, прекрасна мајка и добра сопруга што ме трпи“.
Од бракот со неа има две деца, Евгенија и Војдан.















