Многумина ги обвинуваат стресот или лошата среќа кога со часови гледаат во таванот, а причината често е во навиките што ги повторуваме секој ден. Ова се грешките на кои предупредуваат Американската академија за медицина на спиењето („AASM“) и британскиот јавен здравствен систем „NHS“.
Кафе попладне
Студија објавена во списанието „Journal of Clinical Sleep Medicine“ покажала дека 400 милиграми кофеин, што одговара на две до три шолји кафе, го нарушуваат сонот дури и кога се внесуваат шест часа пред спиење, при што вкупното времетраење на сонот се скратило за повеќе од еден час. Учесниците во студијата притоа не ни забележале дека спијат полошо. Авторите заклучуваат дека кофеинот генерално треба да се избегнува по 17 часот.
Чаша алкохол „за полесно заспивање“
Според насоките на „NHS“, алкохолот може краткорочно да ве опушти, но всушност го намалува квалитетот на сонот.
Мобилен телефон во кревет
„AASM“ советува електронските уреди да се исклучат најмалку 30 минути пред спиење.

Превртување во кревет со часови
Ако не заспиете во рок од 20 минути, „AASM“ препорачува да станете од креветот. Во кревет треба да одите само кога сте поспани, а да го користите само за спиење и интимност. Насоките на „NHS“ дополнуваат дека треба да правите нешто релаксирачко во друга просторија и да се вратите во кревет кога ќе станете поспани.
Спиење до пладне за време на викендот
Станувајте во исто време секој ден, и за време на викендите и на годишниот одмор, советува „AASM“. И „NHS“ препорачува да се избегнува долгото излежување во слободните денови.

Доцно вежбање и обилна вечера
„NHS“ советува доволно движење во текот на денот, но без напорен тренинг и обилен оброк непосредно пред времето за спиење. Ако сте гладни навечер, „AASM“ препорачува лесна и здрава ужина.
Без време за смирување
„NHS“ препорачува да посветите 60 до 90 минути пред спиење на опуштање, на пример со топол туш или бања, пишување дневник или вежби за дишење.

Кога промените не помагаат
Ако проблемот со спиењето не поминува, „AASM“ советува разговор со лекар. Една од можностите е когнитивно-бихевиоралната терапија за несоница, која се занимава со мислите и однесувањето што го нарушуваат сонот, а вклучува и техники за опуштање и управување со распоредот на спиење.








