Во Брвеница до 11 часот гласале 1.480 граѓани

Макфакс

18/10/2026

15:10

282

Големина на фонт

а а а

На предвремените избори за градоначалник во Брвеница до 11 часот излезноста изнесува 9,11 проценти, со зголемен број на гласачи во однос на претходните локални избори. Гласањето се одвива непречено, а Државната изборна комисија обезбедува информации преку телефонски линии, вклучувајќи услуги за лица со оштетен слух.

На предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 11 часот излезноста изнесува 9,11 проценти, односно гласале 1.480 избирачи. Податоците ги соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, кој денеска заедно со уште четворица членови на Комисијата обиколи шест избирачки места.

Според Маричиќ, гласањето се одвива непречено, без посериозни проблеми. Избирачките места биле отворени навреме, во 7 часот, а избирачкиот материјал бил навремено доставен.

Во споредба со локалните избори во октомври минатата година, годинава е забележан благ пораст на излезноста. До 11 часот на изборите во 2025 година гласале 1.346 граѓани, односно 8,34 проценти, додека денеска бројот на гласачи во истиот период е поголем за 134.

За информирање на избирачите, ДИК ја стави на располагање бесплатната телефонска линија 0800 555 44, преку која граѓаните со право на глас во Брвеница можат да добијат информации поврзани со остварувањето на избирачкото право.

За лицата со оштетен слух достапен е и телефонскиот број 076 488 360, преку кој со видео повик можат да добијат информации на знаковен јазик.