Албанскиот премиер Еди Рама ги осуди насилните протести во Тирана и ги обвини организаторите за намерна дестабилизација на земјата, посочувајќи на надворешни влијанија од Русија и Иран кои го загрозуваат патот на Албанија кон Европската Унија.
Албанскиот премиер Еди Рама ги осуди повеќедневните насилни протести во Тирана, за време на кои демонстрантите фрлале камења, метални предмети и молотови коктели кон полицијата. Маскираните лица кои поттикнуваат насилство ги нарече криминалци, нагласувајќи дека воздржаноста на безбедносните сили е неопходна за да се спречи дополнителна ескалација на ситуацијата.
Рама ги обвини организаторите на протестите дека спроведуваат намерно сценарио за дестабилизација на земјата и предупреди дека настаните може да го загрозат патот на Албанија кон членство во Европската Унија до 2030 година.
„Се трудев да не се мешам и трпеливо да ги следам и координирам напорите за да не паднеме во замката на насилството кое бара крв“, изјави Рама.
Според него, актуелната ситуација треба да се разгледува и низ призмата на историјата на политичките судири во Албанија, со цел да се избегне повторување на трагичните настани од минатото.
„Покрај фактот дека криминалци се оние што фрлаат камења, железни шипки и завртки кон полицијата, имам предвид дека тие се изгубени деца на Албанија и дека нивните животи, на крајот на краиштата, вредат повеќе од сè друго. Самоконтролата е суштината на оваа приказна“, рече албанскиот премиер.
Рама оцени дека насилството не ја претставува албанската младина. Според него, дел од младите што учествуваат во протестите можеби се незадоволни, лути и бараат промени, но нивното незадоволство го искористуваат маскирани лица кои поттикнуваат судири.
Тој нагласи дека припадниците на безбедносните сили имаат потреба од поддршка од општеството, особено кога се соочуваат со напади со камења, метални предмети и молотови коктели.
Рама обвинува за организирана дестабилизација
Голем дел од своето обраќање Рама посвети на, како што го опиша, организираниот обид за дестабилизација на Албанија. Тој тврдеше дека протестите не се резултат само на внатрешното незадоволство, туку дека во нив се вклучени и надворешни влијанија и групи со екстремистички идеологии.
Во тој контекст ги спомена Русија, Иран, движењето Антифа, верските екстремисти и албански политички актери, опишувајќи ги како „конгломерат кој го поттикнува и релативизира насилството“.
Албанскиот премиер одговори и на студентите кои тврдат дека владата не ги сослушала нивните барања.
Рама рече дека повеќепати слушнал повици за негова оставка и затвор, но додаде дека демонстрантите не изнеле конкретни барања со кои би ги образложиле причините поради кои сметаат дека треба да ја напушти функцијата.
Тој ги повика студентите на директна и аргументирана дебата за причините поради кои бараат негово заминување од власта.
„Сакате да си заминам, тоа е најнормалната работа на светот, но како ќе си заминам? Барем дојдете и убедете ме зошто треба да си заминам или убедете ме зошто не треба да си заминам“, изјави Рама.
















