Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја критикува имиграцијата како главен фактор за насилството на протестите во Франција и предупредува дека демократите во САД посакуваат слична иднина за земјата.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс оцени дека имиграцијата е одговорна за насилството што избувна за време на протестите во Франција, обвинувајќи ги опозициските демократи дека сакаат исто сценарио и во Соединетите Американски Држави.
„Западните прогресивци го увезоа третиот свет во Франција и во други земји во име на различноста и сочувството. Ги занемарија основните прашања за асимилацијата и компатибилноста. Беа предупредувани дека вака ќе заврши, но не слушаа“, напиша Венс на социјалната мрежа Икс.
Американскиот потпретседател ја коментираше и видеоснимката на која се гледа пожар во зградата на градското собрание во Лимож.
„Се молам Франција, прекрасна земја со прекрасни жители, да го запре ова лудило пред да изгорат уште споменици“, напиша тој.
Венс, кого го сметаат за можен кандидат на претседателските избори во 2028 година, ги поврза настаните во Франција со изборите за американскиот Конгрес, закажани за 3 ноември, пред кои републиканците се соочуваат со неповолни изгледи.
„Се надевам дека Американците обрнуваат внимание. Тоа е иднината што демократските пратеници ја сакаат за нашата земја“, додаде потпретседателот.
42-годишниот конзервативец често ги критикува европските имиграциски политики, оценувајќи ги како премногу попустливи.
Француските безбедносни сили уапсиле 1.200 лица за време на насилството што избувна вчера на протестите низ земјата, соопшти францускиот премиер Себастијан Лекорни. Според него, повредени биле 150 полицајци и припадници на жандармеријата.








