Наезда од стршлени прекина рагби натпревар во Сплит

Макфакс

18/10/2026

08:00

405

Големина на фонт

а а а

Рагби натпреварот во Сплит меѓу Хрватска и Словенија беше привремено прекинат поради наезда од стршлени на теренот, но судијата продолжи со игра откако инсектите беа отстранети. Хрватската репрезентација победи убедливо 53:8 и заврши на првото место во групната фаза.

Необична ситуација го одбележа рагби натпреварот меѓу Хрватска и Словенија во Сплит, откако голем број стршлени се појавиле на теренот, поради што судијата привремено го прекинал мечот.

Инцидентот се случил непосредно пред почетокот на второто полувреме, кога судијата ги испратил играчите надвор од теренот поради присуството на голем број инсекти на игралиштето на стадионот „Стари плац“.

Организаторите потоа се обиделе да ги отстранат стршлените, а натпреварот продолжил по пауза која траела околу 25 минути подолго од предвиденото.

„Неверојатно, ги имаше многу на теренот! А колку натпревари само се одиграле на тој терен“, изјавил генералниот секретар на Хрватскиот рагби-сојуз, Веќеслав Хољевац.

Прекинот не влијаел врз конечниот исход на средбата. Хрватската репрезентација во продолжението целосно ја надигра Словенија и забележа убедлива победа од 53:8.

Со овој триумф, Хрватска ја заврши групната фаза со максимални три победи и вкупно 14 бодови. Сепак, првото место во групата сè уште не ѝ обезбедува директен пласман во повисокиот ранг на европскиот рагби, односно во Трофеј-дивизијата.

За место во баражот за повисок ранг ќе се борат најуспешните победници на четирите групи во Конференциската дивизија. Конечната разврска се очекува напролет.

На табелата во групата води Хрватска со 14 бодови од три натпревари. Австрија има шест бодови од две средби, додека Србија и Словенија сè уште немаат освоено бодови. Србија досега одиграла еден натпревар, а Словенија два.