Албанската полиција употребила гумени куршуми против демонстрантите во Тирана, на петтиот ден од масовните студентски протести на кои се бара оставка од премиерот Еди Рама, објави Ројтерс.
Новинарите пронашле гумени проектили на земјата, а од нив биле погодени двајца новинари и неколку демонстранти, кај кои останале кружни траги од ударите.
Шефот на полицијата, Скендер Хита, не ја негирал употребата на гумени куршуми. Тој изјавил дека сите употребени средства биле применети во ограничен обем.
Хита соопштил дека седум полицајци се суспендирани и се соочуваат со дисциплински истраги поради пречекорување на овластувањата и непочитување на принципот на пропорционалност при постапувањето со демонстрантите. Не прецизирал кои инциденти довеле до суспензиите.
Досега се уапсени 1.067 лица, а против 388 е поведена кривична постапка. Во судирите има повредени десетици полицајци и демонстранти.
Протестите се поттикнати од незадоволството поради наводната корупција во владата, недостигот од работни места и ниските стандарди во образованието. Демонстрациите интензивирале во последните денови, при што демонстрантите запалиле владини згради и банки и фрлале камења кон полицијата, која возвратила со солзавец и водени топови.
„Ова се 13 години корупција, 13 години неработење и празни ветувања. Чашата се прелеа, затоа сме тука да се бориме за нашите права“, изјавил 22-годишниот студент по медицина Јури Тауллаху.
Немирите претставуваат сериозен предизвик за Рама, кој минатата година освои четврти последователен мандат. Владата се соочува со низа корупциски скандали, а аналитичарите предупредуваат дека Албанија станала центар за криминални групи кои перат пари од трговија со дрога и оружје. Овие проблеми ги усложнуваат напорите за членство во Европската Унија.
Незадоволството се засили и поради луксузен крајбрежен проект
Незадоволството од владата дополнително се зголеми по летните протести против луксузен туристички комплекс на албанското крајбрежје, поддржан од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Жители на областа во јули изјавиле за Ројтерс дека нивното земјиште било незаконски продадено за потребите на проектот на недопрен дел од брегот во јужна Албанија. Подоцна беше објавено дека лицето кое го продало земјиштето е барано од обвинителството поради трговија со дрога, што неговиот адвокат го негирал.
Рама, кој ги негира обвинувањата за незаконско постапување, оваа недела изјави дека нема да поднесе оставка и порача дека неговата влада ги почитува студентите и нивното право на протест.
„Мојата одговорност е уште појасна во овие тешки времиња – да ги заштитам граѓаните, да ја гарантирам правдата и да ја движам Албанија напред, заедно со владејачкото мнозинство, кое има јасен мандат: да ја внесе Албанија во Европската Унија до 2030 година“, напиша Рама на Фејсбук.
Албанија, заедно со Црна Гора, е една од водечките земји во регионот во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Протестите во Албанија се случуваат во период на засилени улични демонстрации и во други европски земји. Во Франција, студентските протести поради недостиг од наставници и лоши услови во образованието се проширија во поширок бран на незадоволство, додека во Шпанија протестите поради високите кирии и недостиг на станови ја натераа владата да распише предвремени избори.















