Потрошувачката платформа „Хало, инспекторе“ објави детали за дистрибуцијата на чери домати заразени со салмонела во Хрватска и Словенија, откако Европскиот систем за брзо предупредување за безбедност на храната (RASFF) покрена истраги во повеќе земји.
Според податоците на надлежните инспекции, спорните домати биле дистрибуирани исклучиво до деловни корисници и угостителски објекти, а не преку малопродажната мрежа.
Спорните домати испорачани во угостителски објекти во Словенија
Словенечката Управа за безбедност на храната, ветеринарство и заштита на растенијата соопшти дека на 9 октомври добила известување за спорна пратка чери домати, откако во производот било потврдено присуство на салмонела. Станува збор за бактерија што во други земји на Европската Унија предизвикала заболувања кај луѓе.
Доматите во Словенија ги дистрибуирал трговскиот синџир „Метро“, исклучиво до деловни корисници. Според податоците на системот RASFF, спорната серија била испорачана во девет угостителски објекти во периодот од 7 до 9 септември.
Производот не бил достапен во малопродажба, а при инспекцискиот надзор било утврдено дека доматите веќе биле потрошени.
Словенечките власти наведуваат дека во тој период не биле регистрирани случаи на заболување директно поврзани со консумирањето на спорните чери домати.
Сепак, се испитува пријава од гостин кој почувствувал мачнина откако на 21 септември изел пица со тартуфи во еден ресторан. Во отворена тегла со производ со тартуфи во ресторанот било потврдено присуство на салмонела.
Ресторанот набавувал и чери домати од „Метро“, но според достапните информации, гостинот не консумирал домати. Резултатите од анализите на неотворените пакувања од производот со тартуфи сè уште се очекуваат.
Како спорниот производ стигнал до Хрватска?
Хрватскиот Државен инспекторат потврди дека преку европскиот систем RASFF добил итно известување за присуство на салмонела во чери домати со потекло од Италија.
Дополнително земање примероци било спроведено откако во Италија биле регистрирани 117 случаи на салмонелоза.
Според официјалниот список за дистрибуција, спорната серија не била официјално испорачана во Хрватска. Сепак, повеќе деловни субјекти од Истра и Приморје купувале домати во продавницата на „Метро“ во Трст, Италија.
Санитарната инспекција утврдила дека станува збор за угостителски објекти што работеле сезонски и во меѓувреме биле затворени.
Во еден објект што сè уште работел било утврдено дека не ја примил спорната серија, туку друга серија домати од истиот добавувач, која веќе била потрошена.
Хрватската санитарна инспекција соопшти дека не добила пријави од потрошувачи за труење со храна што би можеле да се поврзат со наведените угостителски објекти.
Зголемен број заболени од салмонела во Хрватското Приморје
Иако засега нема официјални пријави за труење што се директно поврзани со спорната пратка, епидемиолошките служби во областа на Хрватското Приморје во изминатиот период регистрирале зголемен број заболени од салмонела.
Надлежните служби продолжуваат да го следат случајот и да ги испитуваат околностите под кои бил дистрибуиран спорниот производ, објави хрватскиот портал „Индекс“.
















