[ФОТО/ВИДЕО] За овој фустан биле потребни 1.380 часа работа: Селин Дион блесна во креација што потсетува на нејзиниот легендарен изглед од 1997 година

Точка

17/10/2026

19:05

563

Големина на фонт

а а а

Пејачката Селин Дион го привршува првиот дел од својата турнеја низ Франција, а за еден од последните настапи избрала модна комбинација која многумина нејзини обожаватели ги вратила речиси 30 години наназад.

Имено, пејачката се појавила во блескав фустан изработен по мерка од модната куќа „Шанел“, инспириран од креацијата што таа ја носела на доделувањето на Оскарите во 1997 година.

Тогашниот фустан бил дело на Карл Лагерфелд, кој во тоа време бил креативен директор на „Шанел“, додека новата интерпретација ја осмислил актуелниот креативен директор на модната куќа, Метју Блејзи.


Фустанот е составен од сребрена и длабока темносина боја, а се истакнува со горниот дел во форма на корсет, нагласените колкови и драматичниот изрез во средината.

Како што наведуваат од модната куќа „Шанел“, креацијата е целосно рачно изработена во ателјеата на познатата париска улица „Ру Камбон“, а специјалниот вез е дело на „Ателје Монтекс“.


За изработката на овој фустан биле потребни повеќе од 1.380 часа работа, а на него биле сошиени дури 6.000 скапоцени камења и 5.000 монистра, пишува „Вог“.


Основата на фустанот е изработена од везен муслин кој го обвиткува корсетот, додека изрезот е украсен со рафија. Целата креација е дополнета со кристални камчиња и стаклена монистра, благодарение на кои фустанот блескал под светлината на секој рефлектор.

Дион го надополнила овој изглед со сребрен ѓердан во форма на ѕвезда што паѓа, кој многу потсетувал на ѓерданот што го носела на доделувањето на Оскарите во 1997 година.


Потсетуваме, оригиналниот накит на „Шанел“ од 1997 година бил изработен од платина и бело злато, а го краселе 1.080 дијаманти со вкупна тежина од повеќе од 67 карати.

„Пред триесет години, на доделувањето на Оскарите, носев фустан од високата мода на ’Шанел‘. Ова не е сосема истиот фустан, туку нова интерпретација на тој изглед од црвениот килим. Кога го носам сега, се чувствувам како повторно да сум таму“, напишала пејачката на Инстаграм.


Тоа доделување на Оскарите било особено значајно за Дион, бидејќи тогаш станала првата изведувачка која настапила двапати во текот на истата церемонија, изведувајќи ја својата песна „Because You Loved Me“ и преработка на песната „I Finally Found Someone“ од Барбра Стрејсенд.