Во Турција избувнаа сериозни поплави во кои загинаа четири лица, а три се исчезнати. Метеоролозите издадоа жолти и портокалови предупредувања за 45 провинции поради обилни врнежи и силен ветер, предизвикувајќи загриженост кај локалното население.
Четири лица загинаа, а три се водат за исчезнати во поплавите што ја погодија Турција. Генералниот директорат за метеорологија издаде жолто и портокалово предупредување за 45 провинции поради најавените обилни врнежи и силен ветер.
Портокалово предупредување е издадено за Истанбул, Бурса, Коџаели, Јалова и Сакарја, додека жолто предупредување важи за уште 40 провинции.
Во Истанбул се очекуваат локално многу обилни врнежи, особено од пладне, а најзагрозени би можеле да бидат северните и анадолските делови на градот.
Многу обилни, а на одделни места и интензивни врнежи се прогнозираат и во Бурса, Билеџик, Коџаели, Сакарја, Зонгулдак, Бартин и крајбрежните подрачја на Дузџе.
Силни врнежи проследени со грмежи се очекуваат и во делови од Егејскиот, Медитеранскиот, Централниот и Источниот Анадолски регион, како и во западниот и централниот дел на Црноморскиот регион.
Метеоролозите предупредуваат и на силен ветер и бурни налети со брзина од 50 до 70 километри на час, кои повремено би можеле да достигнат и до 80 километри на час.
Во некои подрачја се очекуваат силни налети на ветер од запад и северозапад, додека во другите региони ветерот ќе дува од јужен правец.
Поради опасноста од ненадејни поплави, свлечишта, удари од гром, град, оштетување на покриви и прекини во сообраќајот, граѓаните се повикани да бидат внимателни и да ги почитуваат предупредувањата на надлежните служби.
На повисоките надморски височини во провинциите Бурса и Кутахја во текот на ноќта и утринските часови се очекуваат лапавица и снег.








