Поранешниот истражител на Пентагон за неидентификувани летечки објекти, Џеј Стратон, изнел тврдења дека во близина на Розвел, во американската сојузна држава Ново Мексико, во 1947 година, покрај остатоците од наводно летало, биле пронајдени и суштества што не се од човечко потекло. Според неговите тврдења, некои од нив наводно биле живи, но подоцна починале откако одбивале храна или контакт.
Стратон ги изнел овие наводи во своите мемоари, објавени во вторникот, како и во интервју за магазинот „Пипл“ (People), а идентитетот на изворот на кој се повикува не е јавно објавен.
Во книгата тој тврди и дека во обезбедени објекти низ САД, под контрола на воени изведувачи, се чуваат најмалку 12 летала за кои се претпоставува дека се урнале. Исто така, наведува дека постојат тајни тимови задолжени за пронаоѓање необични летала и остатоци од суштества што не се од човечко потекло.

Тој навел и дека некои лица поврзани со наводните откритија претрпеле психолошки последици, дале отказ или извршиле самоубиство.
Вонземјани и „кампања за дезинформации“
Неговиот интерес за необјаснетите појави започнал во есента 2005 година, кога колега му покажал снимка од објект со триаголна форма и светла, во близина на силоси за нуклеарни ракети.
Во книгата тој опишува што научил и со што се соочил, вклучувајќи ги и она што го нарекува средби со вонземски живот, како и 80-годишна „кампања за дезинформации“ насочена кон прикривање на програмите за обратен инженеринг на урнати летала, со цел од нив да се извлечат најсовремени иновации, пишува „Пипл“.
„Не сме единствениот интелигентен живот во вселената. Не ги знаеме намерите на нечовечкиот интелигентен живот што е овде. Имаме тековни активности на неидентификувани аномални појави (УАП) - НЛО над чувствителни воени и нуклеарни локации. Имаме загриженост за безбедноста на военото и цивилното воздухопловство. Светот има право да знае за ова“, вели Стратон.
Great talking with @jaketapper @TheLeadCNN about my memoir, Out of the Shadows. Thanks for your support @jaketapper! https://t.co/5OgrwdLqoY
— Jay Stratton (@jaystratton) October 14, 2026
Тој додал дека во книгата споделил со јавноста онолку информации колку што законски смеел да открие.
Неговиот извештај за она што го дознал од доверливи досиеја и од инсајдери кои биле подготвени да разговараат со него за програмите што, како што пишува, вклучувале испраќање тајни специјални оперативни тимови за собирање и транспорт на урнати УАП-летала и тела на суштества што не се од човечко потекло, е запрепастувачки.
Она што го опишува ги отсликува и ги проширува изјавите на други поранешни функционери од последниве години, бидејќи дебатата за потенцијалниот вонземски живот и интеракциите меѓу вонземјаните и луѓето, која долго време беше повод за теории на заговор и потсмев, станува сè поприсутна во политичките и воените кругови.
На Стратон му било објаснето од неименуван извор дека средбите со нечовечка интелигенција и нејзината технологија се покажале како „толку вознемирувачки што ги навеле инволвираните лица да дадат отказ, да доживеат нервни сломови, а во некои случаи и да си го одземат животот“.
„Едноставно им било тешко да ја прифатат вистината“, пишува Стратон.
„Пипл“ понатаму наведува дека животот на Стратон како владин истражувач на вонземјани, од средината на 2000-тите години, бил тежок и за него и за неговата сопруга и двата синови.

Како што вели, од 2010 година, тој и неговото семејство претрпеле безброј посети во својот дом во областа на Вашингтон, вклучувајќи светлечки, разнобојни топки што се појавувале од никаде и „сенковити фигури потемни од темнината“ кои, како што тврди, ги набљудувале.
„Како што почнав сè подлабоко да го истражувам нечовечкиот интелигентен живот, тие почнаа да посветуваат поголемо внимание на мене и на моето семејство. Тоа стана дел од нашиот живот. Откако се пензионирав во 2022 година, ова во голема мера престана, што е многу индикативно“, вели Стратон.
Тој додава дека УАП-појавите покажале ниво на софистицираност далеку над човечките можности.
„Ова би можело да биде стратешко изненадување од размерите на Перл Харбор, а мене многу ми е важно тоа да не се случи“, изјавил тој.
Стратон бил првиот директор на Работната група на Пентагон за неидентификувани воздушни појави, формирана на 4 август 2020 година, а неговиот чин во таа структура бил еквивалентен на чинот генерал.

Пентагон ги третира неидентификуваните појави во близина на воените објекти како потенцијално безбедносно прашање, но тоа само по себе не значи дека таквите објекти се од вонземско потекло, ниту потврдува дека во близина на Розвел во 1947 година биле пронајдени вонземско летало и неговите патници.
Канцеларијата на Пентагон за решавање аномалии во сите домени соопшти во март 2024 година дека не пронашла проверливи докази дека американските државни институции или приватни компании поседуваат вонземска технологија, ниту емпириски докази за постоење програми за обратен инженеринг на таква технологија.
Фото: Пипл











