ЛДП за скандалот со Ива Михајлова: А да го укинеме судството, ионака не добива пари колку треба од Владата, а и министерствата не функционираат?

Макфакс

13/10/2026

09:20

206

Големина на фонт

а а а

„Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува длабока огорченост од секојдневните скандали кои ја потресуваат македонската јавност, а кои укажуваат на натамошно пропаѓање на државните институции и градење систем на неправда. Случајот со Ива Михајлова го апстрахираме од етничкиот предзнак и нема да им дадеме простор на тие зовриени национал-шовинистички глави во регионот да си прават етно-популистички кампањи на човечки трагедии. Пораките од Софија се скандалозни и грозни и говорат за земја во која постои целосно помрачување кога станува збор за владеење на правото, а уште помалку за европски систем на правда“, велат од ЛДП.

„Михајлова сега треба да биде гонета за ново кривично дело, а скандалот да биде уште поголем, нејзиниот адвокат изврши кривични дела и пред бугарската и пред македонската правда со јавната изјава дека си ја „зеле судбината во свои раце“. Каква правна хаварија! Во овој случај, вистинска трагедија во Македонија е тоа што целосниот крах на функционирањето на институциите доведе до тоа лице, кое е осомничено за предизвикување смртни последици во сообраќајна несреќа, наместо да се соочи со правдата и да ги почитува судските забрани, добива статус на наводна жртва и шоу-ѕвезда, како од некое одвратно евтино реално шоу. Нема човек во Македонија кој не е згрозен од фактот што вакво нешто беше воопшто возможно.

Живееме во држава во која би требало да има функционална полиција, безбедносни камери на граничните премини и служби што осигуруваат дека лица на кои им се одземени пасошите и имаат забрани за излез, ќе бидат достапни на органите. Ако сѐ тоа е нефункционална фарса, пораката е кристално јасна: во Македонија можете да убивате, да крадете, да уништувате и на крајот, слободно да си прошетате во странство и да се сликате како жртва. И тоа се случува во земја каде што власта има апсолутна контрола – со целосна законодавна власт, уставно мнозинство, целосна контрола на локалната власт, доминација над медиумскиот простор, па дури и целосен преглед на безбедносните камери.

Пораката која ја добија криминалците во власта со менувањето на Кривичниот законик и ослободувањето од вина на функционерите беше дека од позиција на власт може да прават што сакаат. А сега, пораката која ја добија останатите криминалци со скандалот Михајлова е дека слобода на акција имаат и тие. Ова неодоливо личи на почеток на општ хаос и анархија.

Имаме ли сѐ уште моќ да го спречиме ова пропаѓање? ЛДП верува дека во народот постои огромен бес, кој заедно наскоро ќе мора да го изразиме и да му ставиме крај на ова секојдневно државно тонење“, се наведува во соопштението на ЛДП.