Мајкл Карик никако не може да биде задоволен од играта и билансот кој го има Манчестер Јунајтед, тим кој по шест одиграни рунди го има најлошиот старт во Премиер лигата во последните 40 години.
Тимот на Карик освои само шест бода на исто толку натпревари и тоа е премалку за високите стандарди кои ги има поставено великанот од „Олд Трафорд“, па токму поради тоа, Јунајтед влегува со голем притисок во тешкиот дуел со Атлетико Мадрид кој се игра вечерва.
Јунајтед запиша победа на првиот меч во новата сезона во Европа, но поради лошата форма во домашното првенство, „црвените ѓаволи“ ќе мора да бркаат претстава која за момент ќе го намали незадоволството меѓу фановите.
– Го сакам овој дел од фудбалот кога се има големи очекувања од вас. Понекогаш, кога работите не одат баш како што треба, гледате кој навистина е тука. Гледате во групата – меѓу играчите, тимот и клубот – кој сака да биде тука на долг рок и кому навистина му значи да биде дел од Јунајтед. Во вакви моменти се гледа кој од што е направен.
– Навивачите се тука на секој меч, тие силно го посакуваат успехот. Затоа, ние како тим, мораме да им понудиме нешто. Мора да ги прифатиме предизвиците за да стигнеме таму каде што сакаме да стигнеме. Во моментов сме токму среде тој процес, но цврсто верувам дека ќе го надминеме овој тежок период и дека ќе го најдеме вистинскиот пат.
– Фудбалот и градењето на нешто значајно се процес што бара време и надминување пречки. Во нашата лига имаме тимови кои постигнале успех, но тој пат не секогаш бил праволиниски. Разбирам дека кога работите не одат најдобро, се јавуваат силни реакции и чувство дека ситуацијата е катастрофална. Разбирам дека доаѓа до чувство и дека сè треба да се промени.
– Долго сум дел од фудбалот и јасно ми е тоа како ден. Но, таков пристап дефинитивно не е дел од нашето размислување. За да постигнете нешто, мора да знаете како да се справите со тешкотиите и да ги надминете истите. Јас го правев тоа во текот на целата моја кариера и уверен сум дека ќе успеам и сега. Секако дека се надевавме на многу повеќе и на многу подобри резултати, но ситуацијата е таква каква што е и мора да се избориме за подобра иднина, – изјави Карик пред гостувањето на „Метрополитано“.












