СДСМ: Македонија не е каса за провизии, иднината е во Европа, правда и слобода

Макфакс

11/10/2026

10:10

137

Големина на фонт

а а а

Опозициската партија СДСМ повторно истакнува дека Македонија не смее да служи како каса за провизии, туку иднината на земјата е во европската интеграција, правда и слобода. Во соопштението по повод 11 Октомври, тие го потенцираат значењето на антифашизмот и повикуваат на владеење на правото, независни медиуми и мир.

Антифашизмот не е само споменик, туку обврска за слобода, правда и достоинствен живот, порача опозициската СДСМ по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, повлекувајќи паралела меѓу борбата на партизаните пред 85 години и денешните предизвици во државата.

Од партијата велат дека востанието било борба за слободна држава, човечко достоинство и отпор кон фашизмот, а не за поделби и понижување на народот.

„Тој речник не е од 11 Октомври и вредностите на НОБ. Тој речник е од друга традиција. СДСМ ја памети својата, секогаш на вистинската страна на историјата“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ оценуваат дека денешната обврска е да се обезбедат владеење на правото, слобода на говорот, независни медиуми и институции што ќе работат во интерес на граѓаните. Воедно, повикуваат на мир и добрососедски односи, наместо провокации и раздор.

Партијата ја гледа иднината на Македонија во Европската Унија, повисок животен стандард, достоинствени плати и пензии, чиста вода и услови младите да останат во земјата.

„Патриотизам е како се живее денес и што им се остава на децата утре. Да не мораат да земаат бугарски пасоши. Да не мораат да глумат патриоти заради личен интерес, туку вистински да ја сакаат и да ја почитуваат својата татковина. Лажниот патриотизам не смее да биде пат кон власт“, велат од СДСМ.

Во соопштението, партијата остро ја критикува владината политика, наведувајќи дека Македонија не смее да биде ставена во функција на туѓи интереси.

„Македонија не е депонија за туѓ проект. Не е рудник за туѓа муниција. Не е хардвер за туѓа дигитализација. Не е ходник за туѓа агенда. Не е каса за провизија. Македонија е заедничка татковина“, се наведува во реакцијата.

Од СДСМ додаваат дека денешната битка треба да биде против корупцијата и криминалот, за повисоки плати, слобода на медиумите и достоинствен живот.

„Државата ќе ја вратиме во служба на народот. Иднината не е во поделбите. Иднината е во Европа, во правда и во слобода“, порачуваат од партијата.