Министерството за внатрешни работи извести дека за вознемирувачкиот случај со истепани млади Албанци е почната внатрешна контрола и виновните ќе бидат казнети.
Случајот го објавија опозициските партии ДУИ и Алијанса за Албанците, велејќи дека станува збор за случај на полициска бруталност и побараа казни за одговорните.
Според соопштението на ДУИ, која објави и видео снимано од десетина метри, во интерниот полициски извештај се наведува дека младите му го одзеле пиштолот на полициски службеник. Тие, пак, тврдат дека оружјето завршило во нивното возило откако полицијата го скршила стаклото. Според нивните изјави, полициските службеници пукале со огнено оружје, им ги дупнале гумите на автомобилот, а потоа ги врзале и ги легнале на земја, при што биле малтретирани.
Двајцата млади Албанци се на возраст од 21 и 23 години.
„Нетпрес“ дознава дека главниот тепач е Албанец по националност.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи соопшти дека министерот Панче Тошковски наложил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот.
„Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници. По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена“, соопштија од МВР.








