Ручек од три јадења во овој европски град чини само едно евро: Го подготвува готвач со Мишелин ѕвезда

Точка

10/10/2026

19:44

806

Големина на фонт

а а а

Според најновите податоци, минатата година 21 отсто од жителите на Европската Унија биле изложени на ризик од сиромаштија. Токму затоа, во Марсеј, градот со најразновидно население во Франција, сè попопуларни стануваат нов „бран“ ресторани.

Станува збор за таканаречени ресторани на солидарност, кои го редефинираат концептот на врвна гастрономија, спојувајќи ја високата кујна со општествената солидарност.

Така, познатиот ресторан „Ле Републик“ (Le République) за ручек служи чаден ципал со путер од морски анасон како предјадење, по што следува чадено сирење со оризово брашно. Туристите и локалните жители уживаат во јадења подготвени од органски состојки, дело на готвачот Себастијан Ришар, чија работа е наградена со Мишелин ѕвезда.


Некои нудат дури и бесплатна достава на здрава храна за луѓето на кои им е потребна помош

Сепак, овој гурмански ресторан се разликува од останатите. Освен што во него работи и еден поранешен затвореник, околу 40 отсто од гостите ќе платат само едно евро за својот ручек од три јадења.

Причината е што „Ле Републик“ всушност е ресторан на солидарност, еден од десетината вакви ресторани во Марсеј, кој функционира како социјално претпријатие што ја поттикнува општествената солидарност.


Уште едно вакво место во Марсеј е „Л’Апре Ем“ (L’Après M), поранешен ресторан на „Мекдоналдс“, кој го презеле отпуштените вработени по затворањето на франшизата. Тие го купиле просторот и повторно го отвориле како социјално претпријатие, а денес таму се служат гурмански бургери создадени од готвач со Мишелин ѕвезда. Истовремено, ресторанот нуди и бесплатна достава на здрава храна за луѓето на кои им е потребна помош.

Еден ваков ресторан неодамна обезбедил 300 оброци за време на работнички штрајк

Најновиот ресторан на солидарност во Марсеј е „Шалер“ (Chaleur), отворен во јуни 2025 година. Таму гостите можат да уживаат во ладна супа од краставици, украсена со школки, смокви и печени семки од тиква.

Обилен ручек со вино чини околу 25 евра. Но, доколку гостинот објасни дека се наоѓа во тешка финансиска состојба, истото мени може да го добие за само осум евра.


Некои ресторани, како „Ле Републик“ соработуваат со хуманитарни организации за да ги субвенционираат оброците што чинат само едно евро, додека други, вклучувајќи го и „Шалер“, функционираат врз основа на доверба.

„Сакам мојата работа да ме исполнува. Она што нè збогатува е сознанието дека нашата работа придонесува за создавање врски меѓу луѓето и за помагање на оние на кои им е потребна помош“, истакнал Рафаел Рејнар, коосновач на „Шалер“, чиј тим редовно им служи еспресо на бездомниците во соседството, а неодамна донирал и 300 оброци за учесниците во работнички штрајк.

Луѓето сакаат да му помогнат на секој петти сограѓанин роден во странство

Коосновачката на „Шалер“ Наузика Рукс, верува дека статусот на Марсеј како „град-светилник“ е клучен за разбирање на популарноста на рестораните на солидарност.

Имено, околу 2.600 години миграции го претвориле Марсеј во еден од градовите со најразновидно население и најголема верска толеранција во Франција.

„Луѓето чувствуваат должност да му помогнат на секој петти сограѓанин кој е роден во странство“, изјавила Рукс за „Би-би-си“.

А еве и совршен доказ зошто токму храната е најмоќната алатка за општествено поврзување во Марсеј. Во населбата Ла Кабисел, најпозната по производството на сапун, месечните приходи изнесуваат околу 975 евра, што е приближно 500 евра помалку од просекот во Марсеј. Оваа населба нема ниту младински центар, ниту соодветен простор за дружење.


Токму затоа, Лена Кардо го отворила својот ресторан, детска градинка и простор за дружење „Ле Рефектоар“ (Le Réfectoire), кој започнал да служи оброци подготвени од органски состојки во април 2024 година.

Локални готвачи од Конго и Мароко се менуваат во кујната и ја делат заработката

Ова место всушност претставува ресторан, библиотека, детска градинка и информативен центар во едно.

„Секој понеделник нѝ доаѓа наставничка по историја, чии предавања ги слушаат десетина мајки. Во вторник, пак, нудиме бесплатни совети за вработување“, објаснила Кардо.

Сепак, најважното нешто поради кое повеќето луѓе се враќаат во „Ле Рефектоар“ е врвната храна.


Дневните специјалитети чинат околу 12 евра, а локалните готвачи од земји како Конго и Мароко секоја среда наизменично ја преземаат кујната и ја делат заработката.

Целокупниот вишок од профитот се насочува кон локални општествени и културни активности.

Од друга страна, ресторанот „Ле Републик“ се фокусира на помагање на маргинализираните лица повторно да се вклучат на пазарот на трудот.

„Вработивме лица со аутизам, самохрани мајки кои не работеле 20 години, како и луѓе кои не знаат да читаат“, истакнал Силвен Мартен, кој го основал ресторанот заедно со готвачот Себастијан Ришар.


„Ако сте доволно себични за да можете да мамите и да живеете со тоа, тогаш тоа е ваш проблем“

Некои од вработените во „Ле Републик“ дошле од затворот „Бомет“, најстрогиот затвор во Марсеј, каде што последното погубување со гилотина било извршено во 1977 година.

„Потпишавме договори со сто хуманитарни организации кои можат да резервираат оброк по пониска цена“, објаснил Мартен.

А што ако некој гостин го злоупотреби системот за да добие оброк со попуст?

„Ако сте доволно себични за да мамите и да можете да живеете со тоа, тогаш тоа е ваш проблем“, заклучил Мартен.