Сите го користиме, но дали правилно го чуваме? Кардиолог предупредува на честа грешка со маслиновото масло

Точка

10/10/2026

17:20

434

Големина на фонт

а а а

Маслиновото масло е неизоставен дел од медитеранската исхрана и се смета за едно од најздравите растителни масти благодарение на антиоксидантите и позитивното влијание врз здравјето на срцето и крвните садови.

Се користи за подготовка на различни јадења, од салати и главни оброци до десерти. Иако неговата употреба изгледа едноставна, шпанскиот кардиолог Аурелио Рохас предупредува на честа грешка поради која маслиновото масло може да изгуби дел од своите корисни својства.

Грешка што многумина ја прават со маслиновото масло

Рохас предупредува дека многумина грешат кога го чуваат шишето со маслиново масло веднаш до шпоретот или плочата за готвење.


„Ако го чувате маслиновото масло на овој начин, жал ми е што морам да ви го кажам ова, но грешите. Маслиновото масло е вистинско течно злато за нашето срце, па затоа нема многу смисла да купувате квалитетно масло, а потоа да правите ваква грешка“, истакна кардиологот во видеото објавено на Инстаграм.

Тој објасни дека изложеноста на топлина, светлина и кислород ја поттикнува оксидацијата на маслото, поради што тоа постепено губи дел од своите корисни својства. „Поради тоа, неговите биоактивни соединенија се разградуваат“, предупреди тој.

Како правилно да го чувате маслиновото масло?

Решението е едноставно. По употребата, шишето со маслиново масло треба да се врати на соодветно место, наместо да се остава покрај шпоретот.


Најдобро е да се чува на темно, поладно и суво место, подалеку од извори на топлина и директна сончева светлина. Исто така, важно е шишето да биде добро затворено за маслото да биде што помалку изложено на кислород.

Дали маслиновото масло може да се користи за готвење?

Кардиологот предупредува и на уште една честа заблуда, а тоа е дека екстра девственото маслиново масло смее да се користи исклучиво во сирова состојба.

Во описот на видеото тој истакна дека екстра девственото маслиново масло е погодно и за готвење. Благодарение на високата содржина на олеинска киселина и присуството на антиоксиданти, тоа е релативно стабилно при загревање.


Сепак, важно е да не се претерува со температурата. Маслото не треба да се загрева до степен кога ќе почне да чади, а треба да се избегнува и неговото повеќекратно загревање, бидејќи на тој начин се забрзува разградувањето на корисните соединенија, вклучувајќи ги и полифенолите.

Рохас потсети и дека, и покрај бројните здравствени придобивки, маслиновото масло е калорично. Една супена лажица содржи приближно 120 калории, па затоа е важно да се внимава и на количината што ја користиме.

„Не треба да се плашиме од него, ниту да го претвораме во чудотворна намирница. Едноставно, треба да научиме како правилно да го користиме“, заклучи тој во описот на објавата.