Левица: За чии приватни интереси се раскопува Паркот на франкофонијата и зошто Општина Центар молчи?

Макфакс

09/10/2026

10:50

211

Големина на фонт

а а а

Во Паркот на франкофонијата, една од ретките преостанати зелени површини во централното градско подрачје, се вршат ископувања со тешка механизација, велат од Левица.

Според информациите што ги добиле од терен, се работи за зафат поврзан со изведба на приватен водоводен приклучок за угостителски објект поврзан со „Рагуза“, при што се планира траса од околу 200 метри низ јавен простор.

„Нашата советничка група веднаш по добивањето на сознанијата телефонски ги алармираше надлежните инспектори во Општина Центар и побара итно постапување и проверка на состојбата на терен.
Додека граѓаните на Центар со години сведочат на намалување на зелените површини, узурпација на јавниот простор и негово потчинување на интересите на поединци, сега се поставува уште едно клучно прашање: како е можно јавен парк да се прекопува за потребите на приватен деловен субјект? Кој дозволил ваков зафат? Врз основа на која документација? Дали постои издадена согласност за прекопување на јавна зелена површина и дали некој претходно ја проценил штетата врз зеленилото?“, прашуваат од партијата.

Особено скандалозно е што, додаваат од Левица, Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски досега немаат дадено јавно објаснување за активностите во Паркот на франкофонијата.

„Затоа јавно го повикуваме градоначалникот Герасимовски да одговори: Дали Општина Центар била информирана за ископувањата? Дали издала каква било согласност или дозвола? Дали, по телефонското алармирање од советничката група, општинските инспектори излегле на терен? Кој го нарачал и финансира овој зафат и дали се загрозени дрвјата и зеленилото и кој ќе ја плати санацијата на паркот? Доколку надлежноста за конкретниот зафат е на Град Скопје, тоа не ја ослободува Општина Центар од обврската да го штити јавниот простор на својата територија, ниту од обврската да бара итно постапување од сите надлежни институции“, велат од Левица.

Партијата бара итен инспекциски увид, јавно објавување на целокупната документација поврзана со зафатот и утврдување на евентуалната одговорност за оштетувањето на јавниот простор и санација на истиот во најкус можен рок.

„До утврдување на законитоста и условите под кои се изведуваат овие работи, бараме итно запирање на сите активности што можат дополнително да го оштетат зеленилото и паркот. Паркот на франкофонијата е јавен простор што им припаѓа на граѓаните а не приватен инфраструктурен коридор кој се прекопува кога и како им одговара на приватни бизниси интереси“, велат од Левица.