Ако сте во потрага по брза, едноставна и исклучително вкусна ужина или закуска за гости, овие домашни пица полжавчиња од готово тесто се совршен избор.
За подготовката ви се потребни само неколку основни состојки и помалку од половина час, а резултатот е ароматично и крцкаво печиво кое го обожаваат сите генерации. Рецептот за оваа верзија на пица полжавчиња го пронајдовме на профилот на Инстаграм „madebyminimalism“.
Состојки:
• 2 пакувања готово лиснато или пица-тесто
• 150–200 гр. шунка или салама
• 200 гр. рендан кашкавал
• 3–4 лажици кечап или доматен сос
• 1 лажичка оригано
• прстофат сол
• сос по желба за сервирање
Подготовка:
Едното тесто развлечете го и рамномерно премачкајте го со кечап или доматен сос. Посолете, наросете оригано, па рамномерно распоредете ги ренданата шунка и кашкавалот.
Врз филот ставете го другото тесто, а потоа рабовите благо свиткајте ги и притиснете ги со прстите за да не истекува филот. Тестото исечете го на ленти со ширина од околу 2–3 см, а потоа секоја лента внимателно свиткајте ја во облик на полжав.
Наредете ги во плех претходно обложен со хартија за печење и лесно притиснете ги одозгора со дланката. Печете ги во претходно загреана рерна на 190 °C околу 20–30 минути, односно додека не добијат убава златно-кафеава боја.








