Учествувала во едно од најморничавите злосторства во Холивуд: По 57 години затвор излегува на слобода?

Точка

08/10/2026

19:00

551

Големина на фонт

а а а

На Патриша Кренвинкел, поранешна следбеничка на озлогласениот убиец Чарлс Менсон, по третпат ѝ е одобрено условно ослободување, по речиси шест децении поминати во затвор. Но, останува прашањето дали овојпат навистина ќе излезе на слобода.

Кренвинкел, која денес има 78 години, завршила во затвор поради учество во озлогласените убиства Тејт – Лабијанка во Лос Анџелес во 1969 година. Во времето на убиствата имала 21 година, а во затвор поминала 57 години. Осудена е во 1971 година поради учество во серија убиства во кои биле убиени актерката Шерон Тејт, која била во осмиот месец од бременоста, четворица нејзини пријатели, како и Лено Лабијанка и неговата сопруга Розмари, пишува „Гардијан“.


Одборот за условно ослободување веќе двапати одобрил нејзино пуштање на условна слобода, но тие одлуки ги поништил гувернерот Гевин Њусом, со што таа останала зад решетки. Нејзините адвокати сега бараат најновата одлука да биде почитувана.

Тврдат дека како тинејџерка паднала под влијание на Менсон и дека водачот на култот психички ја малтретирал.

„Денес таа целосно ја прифаќа одговорноста за своите постапки, за сè кон што придонела и за секој живот што бил уништен во 1969 година. Пат не ја оправдува ниту ја намалува тежината на таа штета“, изјавил нејзиниот долгогодишен адвокат Кит Вотли.


Кренвинкел во текот на децениите поминати во затвор имала чисто дисциплинско досие. Според Вотли, девет психолошки проценки во изминатите 40 години заклучиле дека таа претставува низок ризик за јавната безбедност. Учествувала во терапија и групно советување, стекнала факултетска диплома и обучувала кучиња-помагачи за лица со попреченост.

„Ја видов длабочината на нејзиното каење и извонредната работа што ја вложи за да го промени својот живот. Цврсто верувам дека е подготвена да се врати дома“, истакнал Вотли.

На ослободувањето се противи семејството на жртвите

На одлуката и понатаму се противи Дебра Тејт, сестрата на Шерон Тејт, која со години се спротивставува на ослободувањето на Кренвинкел и другите следбеници на Менсон.

Њусом во 2022 година, кога првпат го одбил нејзиното условно ослободување, признал дека таа била „жртва на малтретирање од господинот Менсон“ и дека за време на престојот во затвор созреала и учествувала во програми за рехабилитација. Сепак, заклучил дека не покажала доволно разбирање за причините за своето злосторство и факторите што придонеле за нејзиното однесување.


И во 2025 година Њусом го одбил нејзиното ослободување, наведувајќи дека мора дополнително да го продлабочи разбирањето на сопствените постапки пред да може безбедно да биде пуштена на слобода.

„Процесот на условно ослободување постои затоа што луѓето можат да се променат, рехабилитацијата е важна, а јавната безбедност мора да се темели на докази. Случајот на Пат го поставува основното прашање: ако три одобренија за условно ослободување не доведат до пуштање на слобода, тогаш која е целта на овој процес?“, изјавил тој, пренесе „Гардијан“.