Безос: Овој пат се враќаме на Месечината за да останеме, мора да бидеме побрзи од Кина

Макфакс

08/10/2026

16:12

159

Големина на фонт

а а а

Џеф Безос најавува дека САД ќе се вратат на Месечината со цел да воспостават трајно и економски одржливо присуство, нагласувајќи ја важноста на натпреварот со Кина и потенцијалот на Месечината како логистичка база за идните мисии кон Марс.

САД планираат да се вратат на Месечината, но овајпат со намера таму да воспостават трајно и економски одржливо присуство, за разлика од кратките експедиции во рамките на програмата „Аполо“, изјави основачот на „Амазон“ и вселенската компанија „Блу Ориџин“, Џеф Безос.

„Овојпат одиме на Месечината за да останеме, а тоа ќе го направиме со помали трошоци. Тоа нема да биде само уште една мисија по која се враќаме дома. Ќе биде вистинска, одржлива база од која ќе можеме да ја истражуваме Месечината“, изјави Безос вчера за „Фокс њуз“.
Тој оцени дека постојат сите причини да се верува дека луѓето повторно ќе можат да стапнат на Месечината во 2028 година, нагласувајќи ја важноста на натпреварот со Кина.

„Мора да ја победиме Кина во враќањето на Месечината. Верувам дека ќе успееме“, порача Безос.

Според него, Месечината може да послужи како логистичка база за идните мисии со човечки екипаж кон Марс. Тој посочи дека патувањето до неа трае околу три дена, а поради послабата гравитација, за подигнување товар од нејзината површина е потребна значително помалку енергија отколку од Земјата.

Компанијата „Блу Ориџин“ е еден од клучните комерцијални партнери на НАСА во програмата „Артемис“. Таа развива систем за слетување на Месечината со кој астронаутите треба да бидат пренесени на нејзината површина во рамките на мисијата „Артемис V“.