Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Турција, Алпер Акташ, изразувајќи уверување дека ќе продолжи унапредувањето на македонско-турските односи и истакнувајќи го значењето на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција, Алпер Акташ.
Посакувајќи му добредојде, таа изрази уверување дека во неговиот мандат добрите македонско-турски односи ќе станат уште подобри.
За неа, Турција е не само наш стратешки партнер и значаен сојузник во НАТО, туку и искрен пријател којшто ги разбира македонските приоритети.
Во формирањето на Советот за соработка на високо ниво, таа препознава политички чекор напред.
За амбасадорот Акташ, стратешкото партнерство е од голема важност за обете земји.
Сиљановска-Давкова гледа отворен простор за соработка во економијата, трговијата, одбраната, инфраструктурата, енергетиката, туризмот, културата и образованието.
Таа ја поздрави Балканската платформа за мир, иницирана од Република Турција, како рамка за градење регионална стабилност низ дијалог.
За двајцата, турската заедница е важен сегмент на македонскиот етнички и религиозен мозаик, како што и граѓаните со македонско потекло во Турција се цврст меѓудржавен мост.
Тие споделија лични приказни коишто ги поврзуваат: амбасадорот Акташ укажа на своето македонско семејно потекло, а претседателката потсети дека е родена во турска куќа во Охрид.
На крајот, таа му посака успех во извршувањето на одговорната амбасадорска функција.








