Мицкоски: Целта е до крајот на мандатот да има нула деца на листите за чекање во градинките

Макфакс

07/10/2026

12:28

162

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека целта до крајот на мандатот е да нема деца на листи за чекање во градинките, со што ќе се обезбедат услови сите деца да бидат прифатени и згрижени во капацитетите низ државата.

Целта е до крајот на мандатот да има нула деца на листите за чекање во градинките, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на отворањето на новата детска градинка во Шуто Оризари „8 Април“.

„Навистина сум пресреќен што овој објект ја добива својата суштина, ја добива својата вистинска намена. А тоа е да биде дом за дечињата кои што тука ќе можат да ги поминуваат своето детство, еве така да кажеме, најубавите денови во својот живот. Ние како Влада, како што веќе слушнавте и од страна на претставниците на меѓународната заедница, почитуваните амбасадори, во најскоро време ќе дадеме согласност за вработување на кадар и на тој начин сето она кое што е инвестирано и направено ќе биде ставено во функција“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека повеќе нема да има листа на чекање за запишување деца во градинка во Општина Шуто Оризари, односно капацитетите ќе бидат целосно исполнети.

Мицкоски кажа дека целта е повеќе да нема листи за чекање во сите градинки во државава.

„Ако бројката беше 4.500 на почетокот од мандатот на оваа Влада, целта е на крајот на мандатот од оваа Влада да имаме нула дечиња кои што ќе бидат на листа на чекање. Мислам дека и порано тоа ќе го реализираме, но се зависи од динамиката на изградба на објектите“, рече Мицкоски.