[ФОТО] „Шума“ среде град: Овој хотел за секое преноќување посадува по едно стебло

Точка

06/10/2026

20:01

333

Големина на фонт

а а а

„Populus“ е изграден на мала триаголна парцела во центарот на Денвер, но за секое ноќевање на гостин поддржува садење едно дрво во Колорадо.

Во центарот на Денвер во 2024 година бил отворен „Populus“, хотел инспириран од природата, кој „Pun kufer“ го нарекува „шума“ среде градот – иако нема ниту сопствен паркинг. Зградата со 13 ката, 265 хотелски соби и околу 12.500 квадратни метри површина ја проектирал американското архитектонско студио „Studio Gang“.


Името и архитектонскиот концепт на хотелот се инспирирани од американската трепетлика (Populus tremuloides), карактеристична за Колорадо.

На фасадата оваа инспирација се гледа преку низа прозорци со различни форми и големини, кои потсетуваат на траги на кора од дрво. Длабоките вертикални вдлабнатини дополнително го нагласуваат ритамот на фасадата.

Приземјето, отворено кон улицата, е исполнето со ресторани, кафулиња и други јавни простори, додека на врвот на зградата се наоѓа ресторанот „Stellar Jay“ со тераса и поглед кон градот и Карпестите Планини.


„Populus“ е изграден на мала триаголна парцела во центарот на Денвер, без сопствени паркинг-места. Идејата била на тој начин да се поттикне користењето јавен превоз, велосипеди и други начини на движење низ градот.

Одржливоста е еден од клучните елементи на проектот. За изградбата бил користен бетон со помал удел на цемент, рециклирани и повторно употребени материјали, а зградата има и зелен покрив.

Хотелот се издвојува и по амбицијата да биде „carbon positive“, односно со своето работење да придонесе за отстранување повеќе јаглерод диоксид отколку што емитува. Тој својот пристап го заснова на намалување на емисиите настанати при работењето на објектот, но и на оние поврзани со неговата изградба и материјалите.


Хотелот има и програма „One Night, One Tree“ („Една ноќ, едно дрво“), преку која за секое ноќевање на гостин поддржува садење едно дрво во Колорадо.

На нивната веб-страница пишува:

„За секоја ноќ што ќе ја поминете кај нас, ќе засадиме едно дрво. Во партнерство со Националната фондација за шуми работиме на ублажување на климатските промени така што поддржуваме садење дрвја приспособено на одредени региони и обновување на екосистемите во шумите на Колорадо.

Нашата цел е во текот на 2025 година да засадиме 55.000 дрвја. Сите имаме улога во борбата против климатските промени и заштитата на нашата планета. Садењето дрвја е еден од начините да ги надоместиме емисиите на јаглерод и да преземеме одговорност за нашето влијание врз животната средина“.