Чупиќ го најави новиот предизвик на Вардар во ЛШ: Ќе се соочиме со екипа која ја игра најдобрата одбрана…

Дерби

06/10/2026

14:15

132

Големина на фонт

а а а

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 им се враќа на обврските во Лигата на шампионите и тоа со средба од третото коло од групата Б, соочување со полскиот претставник Висла Плоцк.

Висла е тим кој редовно игра во ЛШ, тим кој во досегашниот тек го совлада Мелсунген, а доживеа минимален пораз од Нант.

Вардар пак од друга страна доживеа два порази иако на двете средби беше конкурентен и можеби и заслужни да освои некој бод, но тоа е веќе минато и фокусот е на четврток (20:45 часот) на соочувањето во „Јане Сандански“.

-Висла е екипа која припаѓа меѓу десетте или дванаесетте најдобри во Европа. Долго време се заедно, имаат ист тренер и имаат континуитет. Нивните резултати во Полска и во Лигата на шампионите доволно зборуваат за квалитетот и амбициите на клубот. Келце долго време доминираше во полскиот ракомет, но во последните пет-шест години Висла се наметна како водечка сила. Тоа доволно покажува каков противник ни доаѓа во Скопје.

-Добро се подготвуваме, имаме добра енергија и добро тренираме. Ги анализираме сите сегменти од играта на Висла, и во нападот и во одбраната. Според мене, Висла во моментов ја игра најдобрата одбрана во Лигата на шампионите. Имаат тројца одбранбени специјалисти, многу се подвижни, агресивни и играат специфично. Нашиот напад мора да биде најдобар досега во оваа сезона. Мора да одиграме подобро отколку против Охрид, но и подобро отколку на натпреварот со Мелсунген. Сите сегменти мора да бидат на највисоко ниво – одбраната, враќањето, транзицијата и постигнувањето лесни голови. Сепак, ако треба да изберам еден клучен сегмент, тоа ќе биде нападот, -истакна тренерот Иван Чупиќ.

Хрватот верува дека е време Вардар да дојде до првите бодови во ЛШ.

-Во ‘Јане Сандански’ никој не смее лесно да одигра и лесно да ги освои бодовите. Сакам нашиот домашен терен да биде тврдина. Досега имавме две добри изданија за кои не бевме наградени, а сега сакаме тоа да го крунисаме со победа. Нашата желба е по три одиграни кола да ги имаме првите два бода, порача Чупиќ.