ФИФА, под водство на Џани Инфантино, планирала да им ги отстапи комерцијалните права на своите натпреварувања, пред сè на Светското првенство, на приватни инвеститори за период од речиси цел век. Тоа го покажуваат интерните документи до кои дошол британскиот весник „Guardian“.
Станува збор за проектот „Fifa Forward Enterprise“ (FFE), проценет на 20 милијарди долари (околу 17 милијарди евра). Планот бил отфрлен по големите критики, но дури сега излегуваат детали за тоа колку бил далекосежен.
New documents show FIFA’s World Cup sell-off plan gave license to Thrive for 96 years, and included a management bonus scheme worth up to $50m for every $1bn added to the initial valuation. Story with @NickAmes82 | The Guardian
https://t.co/hAXFxhgHC7
— Matt Hughes (@MattHughesMedia) November 23, 2026
Во интерната процена на ризикот на ФИФА од 17 јули, неколку дена пред финалето на последното Светско првенство, се наведува дека ФИФА би основала профитна компанија. На таа компанија би ѝ биле пренесени сите комерцијални права на натпреварувањата на ФИФА во наредните 96 години. Документот од следниот ден прецизира дека договорот би се склучувал во циклуси од по 12 години, а ФИФА „трајно“ би задржала 51 процент од сопственоста.

Главен инвеститор бил американскиот фонд „Thrive Capital“, а проектот интерно го носел името „Project Box“. Според документите, до пет проценти од акциите на новата компанија биле предвидени како бонус за нејзиното раководство. За секоја милијарда долари зголемување на вредноста над почетните 20 милијарди, тоа можело да значи исплата до 50 милиони долари (околу 43 милиони евра). Со компанијата требало да претседава токму Инфантино.
Договорот содржел и клаузула според која ФИФА, доколку се откажела или склучела договор со друг инвеститор, би морала да плати отштета од 250 милиони долари (околу 216 милиони евра). Не бил распишан тендер, а ниту сопствениот финансиски оддел на ФИФА не бил директно запознаен со условите на договорот.

Од ФИФА порачале дека секој таков предлог би морал да добие одобрение од националните фудбалски сојузи и Советот на ФИФА. Додале дека бонусот бил предвиден исклучиво за раководството на новата компанија, во кое не би можеле да членуваат функционери на ФИФА, како и дека Инфантино не би имал никаква дополнителна заработка.
Инфантино во март ќе бара четврти мандат на чело на ФИФА и се смета за фаворит.












