[ВИДЕО] Невиден пропуст во Србија: Австриски Јутјубери влегле во клучна воена база, ги снимале авионите и објавиле сè на интернет

Точка

05/10/2026

19:29

977

Големина на фонт

а а а

Двајца австриски Јутјубери наводно неовластено влегле во воениот аеродром „Полковник-пилот Миленко Павловиќ“ во Батајница кај Белград, а својот потфат го снимиле и го објавиле на интернет.

На снимките се гледа како се движат низ оградениот дел од комплексот, им приоѓаат на воените авиони и влегуваат во некои од нив, а во еден момент го снимиле и слетувањето на активен авион.

Снимката објавена на каналот „Roofless TV“ на Јутјуб предизвика големо внимание во Србија и регионот, а за само неколку дена собра повеќе од половина милион прегледи.

Двајцата момци најпрво, според нивните сопствени тврдења, снимале авиони од непосредна близина надвор од комплексот, а потоа успеале да влезат во оградениот дел од воениот аеродром.

Станува збор за воен аеродром во Батајница, една од клучните локации на српското воено воздухопловство.

Влегле меѓу воените авиони

На снимките се прикажани момците во кратки панталони и маици како се движат низ просторот на аеродромот и им приоѓаат на авионите кои повеќе не се во активна употреба. Во некои од леталата дури и влегле.

Особено внимание привлече делот од снимката на кој се гледа слетувањето на активен авион додека тие сè уште се наоѓаат во комплексот.

Во текот на целиот нивен престој во заштитениот простор не сретнале ниту еден вработен ниту припадник на военото обезбедување.

Властите засега без одговор

Министерството за одбрана на Србија и Министерството за внатрешни работи, според наводите на регионалните медиуми, не одговориле на прашањата дали се запознаени со инцидентот и дали Австријците имале каква било дозвола за пристап и снимање.

Одговор не пристигнал ниту од управата на воениот аеродром.


Понош: „Се шетале како по пазар“

Случајот предизвика политички реакции во Србија. Претседателот на партијата Србија центар и поранешен началник на Генералштабот на Војската на Србија, Здравко Понош, изјави дека двајцата Јутјубери низ базата „се шетале како по пазар“.

Тој го критикуваше и отсуството на реакција од надлежните институции, тврдејќи дека таков инцидент отвора сериозни прашања за безбедноста на стратешките воени објекти и способноста на системот да реагира на потенцијални закани.