Македонските фудбалски репрезентативци имаат три порази на три натпревари во новото издание на Лигата на нации, а и самите се свесни дека не прикажаа посакувана игра на ниту еден од трите настапи.
Желбата за подобрување останува, селекторот Гоце Седлоски најави напорна работа во иднина, а Висар Муслиу со синоќешната изјава по поразот од Шкотска, потенцираше дека самите фудбалери мора да го променат пристапот на следните натпревари.
– Треба многу нешта да промениме. Првично ние играчите треба да го смениме односот, но и психолошкиот пристап со кој влегуваме во натпреварите. Репрезентацијата не е зае*анција, ова е највисоко ниво на европскиот фудбал.
– Мора да бидеме свесни дека играме во Б лигата, каде што има сериозни репрезентации и квалитетни фудбалери. Она што ние го покажуваме на теренот во последните натпревари не е доволно. Почнувајќи од мене, па до сите останати, јас секогаш прво тргнувам од себе. Под итно мора да промениме многу работи, затоа што вака повеќе не оди. Во репрезентацијата на крајот секогаш најважен е резултатот, истакна дефанзивецот по поразот од Шкотска.
Македонија ќе гостува кај Швајцарија во последниот настап во овој мини циклус, па овој тежок предизвик ќе биде можност да се подобри впечатокот.







